Финска контра насоките на СЗО за сеопфатно тестирање на коронавирусот

Раководителот на финскиот институт за јавно здравје денеска рече дека насоките на СЗО со кои се повикуваат државите да тестираат што е можно повеќе луѓе, немаат смисла, бидејќи луѓето кои имаат благи симптоми и на кои не им е потребна медицинска помош, немаат корист од тестирање, а се трошат ресурси.

За разлика од многу други земји, Финска се одлучи да ги тестира само најранливите групи и вработените во здравствениот систем.

Финскиот институт за јавно здравје соопшти дека тестирањето на лица со благи симптоми ќе биде бескорисно трошење на ресурсите на здравствениот систем.

– Не ги разбираме инструкциите за тестирање на СЗО. Повеќе не можеме целосно да ја елиминираме болеста од светот. Ако некој тоа го тврди, тогаш не ги разбира пандемиите, изјави Мика Салминен, директор на финскиот институт за здравје и благосостојба, за весникот „Хелсингин Саномат”.

Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус во средата рече дека тестирањето и стратегијата на следење „мора да бидат основа на одговорот во секоја земја”.

Видливоста на ширење на заразата во Финска, која има население од околу 5,5 милиони луѓе, рапидно е намалена откако властите минатата недела ги ограничија тестирањата поради недоволни капацитети.

Околу 3.000 луѓе до вчера биле тестирани за коронавирус во Финска, а потврдени се „околу 400″ случаи, соопштија здравствените власти, додавајќи дека бројот на заразени може да биде од 20 до 30 пати поголем.

Салминен рече дека Финска може да тестира околу 1.500 луѓе на ден, но не ги користи целосно капацитетите.

– Не тестираме колку што можеме, туку кога е потребно, рече Салминен.

Најагресивно тестирање спроведува Јужна Кореја, која до 15 март тестирала повеќе од 250.000 луѓе, соопшти министерот за надворешни работи Канг Кјунг-Вау

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот