„Finance Think“: Редизајнирањето на Уредбата остава простор за компромитација

Дополнителни услови предвидени со измените во Уредбата ќе овозможат понатамошно релаксирање на ликвидносните потреби во услови на економски шок од невидени размери, велат од институтот.

Дадените максимални лимити за користење на мерката за финансиака помош на компаниите би можело да предизвика максимизирање на отпуштањето на вработени, а особено ќе се одрази врз работниците кои имаат засновано работен однос на определено време, укажува институт за економски истражувања и политики, „Finance Think“.

поред нив начинот на кој е (ре)дизајнирана вчера презентираната Уредба за користење на мерката за финансиска поддршка на компаниите отвора простор за нејзина компромитација.

Институтот апелира мерката да се дообмисли, со допуштање намален број работници по нејзиното користење само во случаи на пензионирање на работник, смрт на работник, отказ на договорот за вработување од страна на вработениот, отказ на договорот за вработување од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски без отказен рок, спогодбено преземање работник(ци) кај друг работодавач, престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда и престанување на важноста на договорот за вработување поради трајна неспособност за работа.

Дополнителни услови предвидени со измените во Уредбата, според Finance Think, ќе овозможат понатамошно релаксирање на ликвидносните потреби во услови на економски шок од невидени размери.