Finance Think: Предлог-буџетот не ја демонстрира кохерентноста на плановите за фискална одржливост

Фото: МИА

Министерството за финансии го објави Предлог-буџетот за 2022 година, карактеризирајќи го како развоен. Првпат, Предлог-буџетот за 2022 година е ставен во среднорочна перспектива, во контекст на три клучни планови: План за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, План за јавни инвестиции и План за забрзан економски раст. Оттука, ваквиот тип планирање е значаен исчекор кон постигнување на поставените цели за повисок раст на среден рок и фискална консолидација. Сепак, Предлог-буџетот не ја демонстрира кохерентноста на овие три плана, во смисла на нивното финансирање во 2022 година и на среден рок и со квантитативно мерење на нивниот придонес кон постигнување на целите. Отсуството на ваква кохерентност, остава впечаток дека тоа се само планови во буквална смисла, со висок ризик од значајни отстапувања и задоцнувања при нивната реализација, оценува Finance Think.

Според Finance Think, Буџетот за 2022 година е дизајниран пред два клучни настана кои се случија минатата недела: прогласувањето и продлабочувањето на енергетската криза во земјава и нагорната корекција на Народната банка во поглед на инфлаторните движења во тековната и идната година.

-Вкупните неизвесности од продолжениот ефект од пандемијата, енергетската криза која ќе влијае врз потенцијалот за инвестиции од фирмите и за потрошувачка кај граѓаните, заедно со притисоците врз цените, ја прават оптимистичка проекцијата за реален раст на БДП од 4,6 отсто во 2022 година, вградена во креирањето на Буџетот. Неостварувањето на проектираната реална стапка на раст ќе го поткопа планираниот обем на даночни приходи, што како ризик е идентификуван во буџетскиот документ. Сепак, и во вакви околности, напорите за фискална консолидација и сведување на буџетскиот дефицит во разумни рамки се коректни, наведува Finance Think.

Finance Think анализира и дека по турбулентните 2020-та и 2021 година, структурата на буџетот се нормализира на претпандемиското ниво со значајно надувување на капиталните расходи (реален раст од 20,8 отсто).

-Најгломазната категорија во буџетот, социјални трансфери, бележи реален пад поради ценовниот ефект, иако расте во номинален износ. Сепак, расходната страна не ги рефлектира или тоа не го прави на убедлив и видлив начин, заложбите во буџетскиот документ за намалување на непродуктивните трошења, посебно во две ставки кои се пропулзивни на непродуктивно трошење: „стоки и услуги” и „субвенции и трансфери”. Во реални износи, овие ставки се слични на нивото од пред пандемијата, а нивната структура останува „црна кутија” и покрај повеќегодишните укажувања на експертската јавност за поголема транспарентност во овој сегмент, посочува Finance Think.

Во структурата на капиталните расходи, како што стои во анализата, сите ставки бележат раст, освен расходите за купување мебел и вложувања и нефинансиски средства. За разлика од претходните години, купувањето опрема и машини и капиталните субвенции за претрпијатија и невладини организации имаат значаен реален раст што претставува прва индикација за развојниот карактер на буџетот.

-Но, да потсетиме дека во нашата Студија за политиките 34: Мерење на економските ефекти од државната помош доделена на приватни претпријатија во Северна Македонија: Случајот на владиниот План за економски раст, државната помош за приватните претпријатија доделена преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите беше оценета неефективна, што укажува дека ефектот од капиталните инвестиции врз економијата не зависи само од тоа на кој начин ќе се испланираат, туку и на кој начин ќе се потрошат, истакнува Finance Think.

Анализата се осврнува и на капиталните расходи во чија структура доминантно учество има вложувањата во градежни објеки.

-При секој ребаланс во минатото таа ставка беше „прва на удар” и значајно се кратеше. Ставките со помали износи, купувањето возила и стратешки стоки и други резерви, бележат двократно и трократно зголемување. Оттука, вака дефинираната структура на капитални инвестиции укажува на развојност на буџетот, но со оглед на неизвесноста од пандемиската и енергетската криза, очекуваме значајно надолно корегирање на „развојните” ставки со првиот ребаланс. Притоа, капацитетот за реализација на капиталните инвестиции останува ограничен. Капиталните инвестиции во БДП достигнаа максимум и опаѓаат во последните години, што го потврдува ограничениот капацитет на апсорпција на капиталните инвестиции. Дополнително, уделот на капиталните инвестиции во БДП се движи од 2,5 отсто до 3,7 проценти кога реализацијата достигнува максимум од скоро 85 отсто. Оттука, дури и при оптимистичко планирање, процентот на реализација на капиталните инвестиции ќе биде помал како што уделот на капитални инвестиции во БДП го достигнува својот максимум, посочува Finance Think.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот