„Филтрацијата“ во судството во трка со застарување на предметите

Фото: Слободен печат

Кога тогашниот опозициски лидер Зоран Заев тргна во политичка пресметка со режимот на Никола Груевски главниот мотив му беше „правда за сите“, и затоа наиде на најширока подршка од граѓаните и од сите општествени структури.
Правдата беше заглавена меѓу кориците на тефтерчињата на „Сваровски“ судството, со листа на имиња на судии подобни за власта, наградувани и унапредувани со скапи штрас-стакленца, но и со високи позиции во правосудниот елеватор.
Како новата власт можеше да се справи со аномалиите во судството, а да не биде иста како претходната! Како да ги извади на чистина судиите кои ја запоставувале правдата.
Па, тешко. Не е демократски извршната власт да се меша во судската. И едната и другата се независни во распределбата на власта.
Па сепак во текот на изминативе три години започна процес на т.н. „филтрација во судството“, што имаше за цел токму тоа, да се издвојат оние судии кои му ставија етикета „корумпираност“,„нестручност“ и „партизираност“ на целиот правосуден систем.
Со последните разрешувања на судии се остварува заложбата и ветувањето дека конечно ќе се одвојат чесните од нечесните судии или стручните од нестручните. Досега вкупно 16 судии се разрешени, а процесот со засилено темпо продолжува. По многу години конечно имаме функционална методологија по која Судскиот Совет прави проверки во судството и разрешување на оние судии за кој е утврдено дека направиле пропусти во работата или пак намерно застарувале предмети. Судијата Горан Бошевски кој беше разрешен пред неколку денови е класичен пример на судија кој застарувал предмети.
Тој го „водеше“ предметот „Траекторија” а членува и во судечкиот совет во предметите „Талир 1″ и „Шпански скали“. Сите судења каде судија е Бошевски или е дел од судечкиот совет се одложени до назначување на нов судија.

Само за потсетување случајот „Талир 1“  се однесува на незаконско финансирање на ВМРО – ДПМНЕ. Според тогашното СЈО, во партиската каса на ВМРО – ДПМНЕ биле уплатени над 4,5 милиони евра, преку уплатници на партиски активисти иако лицата наведени во уплатниците не ги уплаќале парите лично. Поради „Талир“, судот го замрзна имотот на ВМРО – ДПМНЕ во 2018 – та година, белиот дворец плус 68 други недвижнини. Обвинети беа шест лица. Досега на судењето кое е на самиот почеток, се сослушаа 20 сведоци и се изведеоа околу 2 илјади од уплатниците преку кои се уплаќале средставата.
За ваквиот неочекуван исход на главните судски процеси иницирани од СЈО,а кои по неколку години требаше да завршат со пресуда, а сега се враќаат на почеток од Кривичниот суд информираат дека Судот прави распределба на предметите каде бил судија Бошевски.

Но тој не е единствениот случај. Стојанче Рибарев, судија на Врховен суд за кого се пишуваше многу во медиумите дека во својство на в.д. претседателот на Основниот суд Скопје 1, заминал на боледување токму кога Кривичниот совет од одделот за организиран криминал требал што поскоро да го комплетира и да го спакува предметот  „Тврдина“ и „Таргет“ за масовно незаконско прислушување, за кои се обвинети Горан Грујевски и Никола Бошкоски.

Од многуте примери се издвојува и Сузана Здравева, судија во Апелацискиот суд во Штип, која не се изземала за случај во Клиничкиот центар во Штип, бидејќи адвокатска канцеларија каде што работи син и застапувала една од странките во процесот.

Врховниот суд на Република Македонија, односно Советот за одлучување по жалби одбил шест жалби поднесени од судиите кој од почетокот на годината беа разрешени од Судскиот совет, а во тек е постпка за седма.

Штетата е направена, но системот се реформира и дава надеж дека оваа влада чекори во насока на зацврстување на правната држава. Се решаваат со децении наталожени проблеми, но допрва треба да се сменат и со децении наталожени прецепции.
Што побргу и поенергично се заокружи процесот на „прочистување“ на судиите, тој ќе биде препознаен и од домашната јавност, но и од меѓународната заедница која ги нотира сите позитивни исчекори во своите извештаи.

 

 

 

 

 

 

Видео на денот