„Филтерот“ ги фаќа судиите, ама ги враќа судењата

Повеќе од дваесет судии што делеле правда во многу судски предмети познати во јавноста, од почетокот на годинава до денес се сменети поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција. По овие два основа, последни што се најдоа на мета на Судскиот совет на Република Северна Македонија беа тројца судии.

Судскиот совет ги разреши судијата Зоранчо Мицевски и судијката Сузана Здравева, двајцата од штипскиот апелациски суд, и Стојанче Рибарев, судија на Врховниот суд и поранешен в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1 – Скопје. Исто така Советот донесе одлука за престанок на мандатот на двајца судии-поротници од Основниот кривичен суд Скопје поради навршени 60 години возраст.

Разрешен судијата што го „пушти“ Груевски

Името на Рибарев беше експонирано во јавноста во 2017 година, кога Судскиот совет го назначи за в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1, само три месеци пред СЈО да ги поднесе своите обвиненија. Рибарев по шест месеци на оваа позиција сам си даде оставка. Непосредно пред таквиот чекор СЈО направи претрес во судот за (зло)употреба на АКМИС-системот за електронско доделување предмети на судиите во времето на поранешниот претседател на судот Владимир Панчевски.

Рибарев на чело на Кривичниот суд дојде после Татјана Михајлова, токму кога дојдоа обвиненијата од тогашното Специјално јавно обвинителство, каде што беа обвинети Никола Груевски и највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Во тој период, во претходна постапка, или во фаза на поднесено обвинение, секогаш кога се бараше притвор за осомничените/обвинетите, барањата на обвинителството се одбиваа и никој не отиде во притвор.

На седница на Судскиот совет била донесена одлука и да се прекине постапка за утврдување одговорност против еден судија. Разрешувањето на судијата-поротник Митко Сандев поради навршените 60 години уште еднаш го отвори прашање за ефикасноста на судските постапки и нивното одолговлекување, најмногу поради интересите на некои од обвинетите. Поради пензионирање поротник, на почеток се враќа најголемиот предмет на поранешното СЈО „Титаник“, потоа „Талир 2“, „Топлик“ и „Тендери“. Претходно поради застарување на предмети беше разрешен судијата Горан Бошевски, кој ги водеше случаите „Траекторија“ и „Талир 1“, па и тие два случаи се враќаат на почеток.

Многу предмети се враќаат на почеток

Во „Тендери“ е осомничена ексминистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која деновиве требаше да добие првостепена пресуда. Процесот „Титаник“ е вториот најважен предмет на поранешното СЈО. Во овој процес е осомничен тогашниот врв на ВМРО-ДПМНЕ за повеќе дела поврзани со изборни нерегуларности. Овој предмет се враќа на почеток по три години судење, изведени докази и 150 сослушани сведоци. Случајот „Талир 1“ се однесува на финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ, а поради тој случај замрзнат дел од имотот на сега опозициската партија.

Ова враќање на судските случаи на почеток иритира дел од адвокатите што ги бранат клиентите обвинети во овие случаи. Тие велат дека „веќе нема сомнение во намерата на актуелната власт да ги малтретира нивните клиенти“. Нагласуваат дека дел од сменетите судии не сториле битно или суштествено дејство за да бидат така лесно сменети, додека за дел од сменетите велат дека таков чекор било потребно да се преземе уште од поодамна.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот