Филтер лабел: Хип-хоп бендот „Чиста околина“ го објави синглот „Малку поети“

Откако го најавија своето враќање на сцената со експлозивната „Си играме со рапот“, македонските хип-хоп ветерани го објавија и вториот сингл од новиот албум „Avantgarde Fatiguée“ со наслов „Малку поети“.

Вториот сингл „Малку поети“, за разлика од остриот гитарски звук на претходникот „Си играме со рапот“, кокетира со шлагерскиот поп од седумдесеттите години на минатиот век. Во песната се искористени семплови од класиката „Зошто“ на Зафир Хаџиманов, но за оваа пригода таа е ставена во хип-хоп бум-бап контекст. На синглот „Малку поети“ на „Чиста околина“ им гостуваат колегите од легендарниот хип-хоп колектив САФ – Смилен и Диџеј Гоце (кој е и продуцент на песната), како и, можеби, најистакнатиот претставник на новата хип-хоп генерација, ЛД Пистолеро.

На синглот „Малку поети“ гостуваат ЛД Пистолеро и хип-хоп колективот САФ – Смилен и Диџеј Гоце

Новиот албум „Avantgarde Fatiguée“ на „Чиста околина“ ќе излезе во мај оваа година. Околу деталите за албумот, објавата на двата сингла и иницијативата за враќање на „Чиста околина“ на музичката сцена, воопшто, контактиравме со Ристо Солунчев, кој е член на бендот уште од времето на „Новиот аспект на старата школа“.

– Иницијативата е почната уште пред околу шест години со настапот на „Таксират“ и соработката со Логин Кочишки. „Чиста околина“ не се распадна, оти тоа не беше класичен бенд, едноставно секој од луѓето сите овие години работеше најразлични проекти. Секогаш нѐ определуваше начелото на недовршеноста и тоа превагна во одреден момент да започнеме со творење. Последниве шест години прилично експериментиравме со себеси и со формата, и од сето тоа наше постструктурално и декомпозициско временување произлегоа доста ствари кои ги распоредивме да излезат постепено во три албуми, како засебни целини, но ќе можат да се гледаат и како трилогија.

Во бендот во моментот работиме јас, Ви Џи, Самоил, Јане и Лука Ѓоргиевски. Албумот „Avantgarde Fatiguée“ ќе излезе во дигитално издание на „Филтер лабел“ во мај, благодарејќи на одличната соработка со Емил Хаџи Панзов. Продуциран е од Оливер Димитров во студиото на Димитрови. Веројатно подоцна ќе се појави и на винил. Излегоа два сингла „Си играме со рапот“ и „Малку поети“ како најава на целата диверзивност на трансгресирачката игривост во албумот.

„Чиста околина“ е платформа од која тенденциозно генерираме шок за нас самите, за никогаш доследни на сопствената истост да почнеме да исчезнуваме пред да се претвориме во објект. Дали од тоа излегува убавина, која се вреднува, или искршена грдост, која скандализира, тоа е ризикот на секое настанување. „Чиста околина“ е расредиштена ипостас која низ времето се менува и ги остварува потенцијалите на сите схизо-субјекти во себе – изјави Ристо Солунчев за „Културен печат“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 73, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 20-21 март 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот