„Филтер Лабел“ го објави албумот „Биг лов“ на дуото Георги Шарески и Марко Јовановиќ

Во текот на изминатите три месеци дуото Шарески – Јовановиќ ѝ се претстави на светската јавност со трите синглови „Cou Cou“, „Love Song 2“ и „Bird of Paradise“, кои беа одлично прифатени и се најдоа на плејлистите на десетици светски радиостаници специјализирани за џез, даунтемпо и ворлд мјузик. Овие три песни, всушност, беа најава за албумот „Big Love“, што од 3 февруари може да се слуша и даунлодира од сите светски дигитални музички сервиси.
Изданието содржи девет композиции потпишани од Георги Шарески и нуди интимен поглед во творечката имагинација на овој несекојдневен музички автор. Чистата убавина на овие песни е заокружена со уникатниот, навидум необичен, спој на гитарата на Шарески и усната хармоника на виртуозот Марко Јовановиќ.
Со речиси детска разиграност, без трошка его, овие двајца музички генијалци совршено се надополнуваат и истражуваат каде се границите на нивниот уникатен музички концепт. Резултатот е фантастична синергија како посвета на искреноста во уметноста.
Низ албумот провејуваат влијанија на Тутс Тилеманс, Пат Метини и Стиви Вондер, но не како очигледни цитати, туку како инспирација за еклектичниот пристап во творештвото и интерпретацијата. Изданието звучи медитативно и спиритуално, на моменти можеби и наивно, но истовремено е и длабоко емотивно, необично и волшебно.
Албумот „Big Love“ на Георги Шарески и Марко Јовановиќ веќе е достапен на сите позначајни музички сервиси во светот, известија од „Филтер Лабел“.