Филозофскиот филмски фестивал прави ретроспектива на Буњуел во Кинотека

На 14 мај почна 12-тото издание на Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ), што овој пат е во знакот на надреализмот и беше отворен со документарецот „Генерација: Буњуел, Лорка, Дали“, за култните шпански уметници чии животи се обележани од три војни и прогонство подолго од 30 години.

Од 19 до 27 мај во Кинотеката ќе тече ретроспективата на филмови на Буњуел, во чии рамки, седум негови најпознати филмови ќе бидат проследени со дискусии од домашни и странски професионалци во областа на филмот, филозофијата и филмската критика.

Ретроспективата е организирана во соработка со Кинотеката и Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје. Продуцентот на фестивалот, Слаѓан Пенев ја потенцираше одличната соработка со Амбасадата на Кралството Шпанија.

На прес-конференцијата во вторникот беше соопштена и целосната годинешна програма на Фестивалот, што е поделен на шест сегменти: Ретроспектива Буњуел, Ревијална програма: филм-философија, Официјална селекција на долгометражни филмови и Официјална селекција на краткометражни филмови, Едукативна програма и Придружна програма.

Проекциите во рамките на ретроспективата Буњуел почнуваат во 21 часот, а селекцијата содржи: Краткометражна вечер на 19 мај, во чии рамки се прикажуваат култните „Андалузиски пес“ (1929), „Земја без леб“ (1932), „Симон пустиникот“ (1965), придружени со излагање на заменикот амбасадор на Кралството Шпанија во Скопје, м-р Ернесто Хедереро дел Кампо, под наслов „Буњуел и шпанската култура“.

На 20 мај се прикажува „Виридијана“ (1961), а филмскиот критичар Стојан Синадинов ја води дискусијата: „Виридијана: невиност без заштита“. Проекцијата на „Ангелот истребувач“ (1962), е на 21 мај, како и излагањето „Философска анализа на филмот ’Ангелот истребувач‘“ на професорот по филм на Универзитетот во Ваљадолид, Шпанија, д-р Луис Мартин Ариас.

На 23 мај е проекцијата на „Дневникот на една собарка“ (1964), проследен со излагање на филмскиот критичар Златко Ѓелески, насловено: „Поглед низ клучалката во перверзиите на буржоазијата: Од дневникот на Мирбо до атипичниот реализам на Буњуел“.

Филмот „Убавицата на денот“ (1967) ќе се прикаже на 25 мај, а дискусијата насловена: „Убавицата на денот: Надреализам во конвенционално филмско раскажување“ ќе ја води македонскиот режисер Даријан Пејовски.

На 26 мај следи „Дискретниот шарм на буржоазијата“ (1972), а потоа излагањето „Буржоазијата, демократијата и народот“ ќе го има м-р Мариглен Демири, философ и активист.

Последниот филм од ретроспективата, „Тој мрачен предмет на желбата“ (1977), ќе се прикаже на 27 мај и ќе биде проследен со дискусија насловена: „Тој мрачен предмет на желбите: Психоаналитички поглед врз светот на Буњуел“, водена од писателката и философ, проф. д-р Јасна Котеска.

ФФФ се реализира со поддршка на Агенцијата за филм, Министерството за култура и Град Скопје, и е во ко-организација на Филозофскиот факултет при УКИМ и во соработка со Кинотеката.

(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 20 мај 2022 во весникот „Слободен печат“)

Видео на денот