Филмскиот проект „Генералот и пеперугата“ оди на пичинг-форум во Португалија

Филмскиот проект „Генералот и пеперугата“ е селектиран за учество на „Фест пичинг-форум“, кој ќе се одржи во рамките на 19. издание на „Фест“ во Еспињо, Португалија. Проектот се најде помеѓу 24 селектирани од 225 пријавени проекти.

Сценариото за филмскиот проект „Генералот и пеперугата“ е работено според истоимениот роман на Луан Старова, од страна на Венко Андоновски и Антонио Митриќески. Режисер на филмот е Антонио Митриќески, а снимањето е планирано да се реализира во продукција на „Авард филм и видео“, во соработка со „Трипл С продукција“.

Проектот е поддржан од страна на Агенцијата за филм, а предвидено е во неговата продукција да се вклучат и копродуценти од Албанија, Франција, Германија и Полска.

Португалскиот „Фест“ се вбројува во листата на најзначајните европски филмски фестивали, каде што со проекции на врвни филмски остварувања од новата продукција, со повеќе од 200 наслови во програмата, вклучувајќи и филмови за млада публика, изложби и концерти на уметници поврзани со филмот, сесии на прашања и одговори со авторите, мастеркласи, работилници, дебати, конференции, презентации на проекти во развој и церемонии на доделување награди, се нудат голем број активности и за публиката и за филмаџиите.

„Фест“ бил домаќин на гости, како што се Асгар Фархади, Бела Тар, Гаспар Ное, Фернандо Труеба, Мелиса Лео, Роман Копола, Џо Вокер, Гема Џексон, Ед Лахман, Том Стерн, Финола Двајер, Ирвин Велш, Алан Старски, Еугенио Кабаљеро, Анџела Ален, итн.

Секцијата „Фест про“ е водечка платформа за филмските професионалци преку која тие можат да се поврзат и лично да комуницираат, да го подобрат своето филмско знаење и да ги развијат своите нови проекти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот