Филмскиот фестивал „Киненова“ се враќа во кино

Игор Анѓелков, програмски директор, и Небојша Јовановиќ, директор на МФФ „Киненова“

Шестото издание на МФФ „Киненова“ ќе се одржи од 27 до 31 октомври, ќе биде отворено во киното „Милениум“ со филмот „Бановиќ Страхиња“ на Стефан Арсенијевиќ, а останатите филмови од програмата ќе се прикажуваат во Кинотеката.

Мото на шестото издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ е „Филмтрирај со добар филм“. По минатогодишното телевизиско издание на фестивалот, годинава филмовите во главната селекција ќе бидат прикажани во кино.

– Минатата година ние бевме единствен фестивал во земјата што го реализиравме како телевизиско издание со цел да ја продолжиме традицијата и да ја надминеме кризата. Но, тоа не го направивме од позиција на загрижени или уплашени филмаџии, туку со уште посилна мотивација од претходно, одредувајќи си мисија да ја пласираме филмската уметност и бескомпромисно да ја доближиме до публиката. Тоа наше делување даде мултиплициран ефект и додадена вредност, така што фестивалската програма имаа можност да ја погледнат речиси два милиона гледачи. Оваа година, фестивалот полека се враќа на класичниот формат на одржување во живо, но сепак, ќе ја продолжиме и традицијата отпочната од лани со емитување на дел од фестивалската содржина на ТВ24. Немаме намера да се откажеме од овој начин на пласирање на фестивалот, знаејќи го влијанието кое минатата година го имаше во јавноста – истакна Небојша Јовановиќ, директор на МФФ „Киненова“ на прес-конференцијата што се одржа во „ЕУ Хаус“ во Скопје и на која беше најавена главната програма.

Организаторите на фестивалот подготвија концентрирана, квалитетна и возбудлива програма. Во официјалната селекција на „Киненова“ оваа година ќе бидат прикажани осум моќни, нови гласови, чии филмови ќе се борат за фестивалските награди. Приоритет на фестивалската програма се дебитантски или втори филмови на режисери од Европа, но и од светот.

– Откако пред две години, во силна конкуренција, прекрасниот „Љубовен автомобил“ на Елке Леренкраус стана фестивалски лауреат, а лани македонскиот „Медена земја“ ги освои публиката и критичарите ширум светот, годинава решивме да им отстапиме простор на две документарни остварувања кои обработуваат исклучително интересни теми. „Киненова“ е благонаклона и кон помалите кинематографии, па имаме и еден филмски претставник од соседно Косово, кој е вистински прирачник за реализација на мал, но силен филм. Полската и грчката кинематографија се во наш редовен фокус, додека португалскиот филм ни приреди вистинско позитивно изненадување. Особено задоволство изразувам што во официјалната програма го имаме и минатогодишниот победник на фестивалот во Сан Себастијан, а фестивалот ќе го отвориме со актуелниот победник на престижниот фестивал во Карлови Вари, на задоволство на многумина љубители на седмата уметност – открива програмскиот директор Игор Анѓелков.

Покрај филмовите кои се дел од натпреварувачката програма, годинава во фокус се и филмови од Ирска, Франција, Австрија, ќе бидат прикажани и филмови од „Лукс програмата“, како и краткометражни македонски и странски филмови.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 102, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот