Филмски фестивали во време на корона: Непозната земја, зад аголот

Додека корона вирусот спречува да се одржат големите настани, филмските фестивали сè повеќе стануваат дигитални. Како што покажа „Докфест“ во Минхен, се чини дека новиот концепт може да успее, едноставно затоа што полесно може да помине

Најавата дека „Октоберфест“ оваа година ќе биде откажан поради корона-кризата привлече поголемо внимание на јавноста во Германија отколку откажувањето на Минхенскиот филмски фестивал, кој сепак е втор најголем германски филмски настан по Берлинале.

Делумно, тоа со сигурност се должи на многу поголемото економско значење на „Октоберфест“ во споредба со филмскиот фестивал, но делумно се должи и на фактот дека дружељубивата толпа на „Theresienwiese“ (огромен отворен простор во Минхен, каде што секоја година се одржува „Октоберфест“) редовно привлекува многу повеќе луѓе отколку емоционалното и интелектуално задоволство на филмскиот фестивал во Минхен.

 

Но, за филмските фанови, за разлика од посетителите на фолк настаните, добра вест е дека ќе им биде понудена дигитална замена. На почетокот на мај, на пример, „Докфест“ во Минхен ги затвори своите врати, по што го понуди овој алтернативен пристап. Неговите директори, Даниел Спонсел и Адела Кохаут, одлучија поголем дел од годинешната програма да ја пренесуваат онлајн во периодот од 6 до 24 мај под мотото Dokfest@Home.

И, се покажа дека ваквата одлука беше сосема во ред. На крајот, „Докфест“ броеше 75.000 посетители, што е зголемување од речиси 45 проценти во однос на бројките на минатогодишниот фестивал. Освен тоа, имаше публика од цела Германија, додека претходните години гледачите беа главно од поголемата околина на Минхен.

„Беше неверојатно добро прифатено“, изјави Спонсел, „и мило ни е што успеавме да го организираме фестивалот и покрај тешките околности“. А посетителите, кои решија да гледаат некој од понудените над 120 филмови на „Докфест“ преку нивните компјутерски екрани, беа во можност да откријат многу нови нешта. Главната награда на фестивалот, на пример, му беше доделена на дебитантскиот срцепарателен филм „Акаса, мојот дом“ на романскиот режисер Раду Корникиус, за едно ромско семејство, кое две децении живееше во колиба во пустиот предел околу делтата на Дунав.
Кога власта ќе одлучи да го врати овој редок урбан екосистем, семејството Еначе е иселено и речено им е да се преселат во Букурешт – стварност за која не знаат ништо. Децата кои ги поминуваа деновите во природа сега мораат да учат за градскиот живот, да одат на училиште наместо да пливаат во езерото и да ги заменат нивните рибарски стапови со мобилни телефони.

Нивниот идентитет е доведен во прашање и трансформиран, заедно со нивното чувство за слобода и семејни врски. „Раду Корникиус создава наратив“, изјави жирито во образложението за нивната одлука, „што покажува како животот може да се распадне кога ќе ја загубиме врската со природата и со себе“.

Се разбира, филмските фестивали имаат посебна атмосфера поради низ разговорите со режисерите и протагонистите, кои обично се одржуваат во киносалите по проекциите. „Докфест“ се обиде да го симулира и овој дел на фестивалската атмосфера дигитално. Имено, не се ограничи само на едноставно прикажување на документарниот филм „Хилари Хан – Еволуција на уметникот“, за славната американска виолинистка, туку претстави и онлајн разговор со уметницата и со Бенедикт Мироу, режисерот на филмот.

Креаторите на годинешниот Go-East фестивал на Централна и Источна Европа, кој се одржува во германскиот град, познат спа центар, Визбаден, имаше сличен пристап. Натпреварувачката програма и другите важни програми беа одложени за ноември и традиционалната фестивалска недела, која обично се одржува во пролет (годинава требаше да биде од 5 до 11 мај), додека онлајн беше понудена одредена селектирана програма, избрана по високи стандарди. Така, на пример, научнофантастичната драма „Броеви“, првиот филм продуциран од украинскиот режисер, Олег

Сенцов, по пуштањето од рускиот притвор минатиот септември, заслужува посебно спомнување. Сенцов беше осуден од рускиот суд во 2015 година за терористички закани, за што многумина мислат дека е измислено.

И на овој фестивал имаше, исто така, дигитална програма. Беше одржана работилница со наградуваниот романски режисер, Раду Жуде, и неколку други панел-дискусии и мастеркласи.
Одржувањето онлајн е сè уште „непозната земја“ за филмските фестивали, иако многумина неодамна се обидоа да се вклучат, како Фестивалот на кратки филмови во Оберхаузен, документарниот фестивал Visions du Reél во Нион или Солунскиот документарен филмски фестивал.
Се чини дека идејата во Минхен одлично проработи. И секогаш можете да се вклучите. Не морате дури ни да патувате до Визбаден, Солун или некои други места.

Пол Каценбергер/ФИЛМ+

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот