Филмската програма „Планински филм на ридот“ се прикажува во киното на МСУ

Филмските проекции во Кино МСУ се одржуваат секој четврток со почеток во 19 часот / Фотографија: Јелена Белиќ

Селектор на програмата што се реализира секој четврток во киното на МСУ во Скопје е Дарко Набаков, кој потенцира дека филмовите освен што покриваат извонредни теми, изобилуваат и со одличен филмски јазик.

Во Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје во тек е програмата „Планински филм на ридот“, што Кино МСУ ја организира во соработка со ЕХО – Фестивалот на планински филм. Во склоп на филмската програма, публиката има можност да проследи проекција на филмови во чиј фокус се приказните од планините, адреналинските спортови, но и екологијата.

По тој повод, разговаравме со Дарко Набаков, селектор на програмата, како и дипломиран историчар на уметноста и актер, кој ни раскажа како се реализира програмата „Планински филм на ридот“.

– Со „Планински филм на ридот“, всушност, ја започнавме овогодинешната филмска програма на киното на Музејот на современата уметност. Како и минатата година, музејот се труди преку својата филмска програма да оствари соработки со локалните филмски фестивали, а во соработка со фестивалот за планински филм ЕХО ја реализираме програмата „Планински филм на ридот“. Проекциите на филмовите се одржуваат во текот на април, секој четврток, со почеток од 19 часот, во киното на музејот – истакна Набаков.

Додаде и нешто повеќе околу тоа како е направена селекцијата на филмовите.

– Селекцијата е избор од досега прикажаните филмови во изминатите дванаесет години на Фестивалот за планински филм – ЕХО. Тимот на фестивалот внимателно одбра девет филмски остварувања. Филмовите се поделени на тематски целини, и тоа: екологија, животот на планина, адреналински спортови и други приказни од планината, користејќи ја седмата уметност како средство за комуникација. Филмовите освен што покриваат извонредни теми, изобилуваат и со одличен филмски јазик – потенцира Набаков.

Во Кино МСУ ќе се прикажуваат филмови од локалните и регионалните филмски фестивали во периодот од април до септември / Фотографија: Јелена Белиќ

Го прашавме и со каков ритам ќе се одржуваат следните филмски проекции.

– Проекциите на Кино МСУ се предвидени да имаат свој редовен тек во месеците од април до септември оваа година. Во април, публиката има можност да ја проследи програмата креирана во соработка со Фестивалот ЕХО. Во мај имаме соработка со Филозофскиот филмски фестивал и започнуваме со серијалот на филмови посветени на уметници и на актуелните уметнички практики. Серијалот за уметници продолжува и во јуни, кога ќе се отвори и Летното кино на музејот. Во јули, публиката ќе има можност да ужива во изборот на регионални филмови проследени со дискусии по проекциите. Оваа програма е дел од регионалниот проект што Кино МСУ ќе го започне оваа година заедно со уште осум фестивали, организации и институти од регионот. Во август ја продолжуваме соработката со Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, а за септември се надеваме на заедничко креирана програма во соработка со МСУ Риека. Со сето ова мислам дека музејот ќе понуди редовни филмски задоволства за сите љубители на уметноста – смета Набаков.

Инаку, влезот во киното на МСУ е слободен, капацитетот изнесува 60 луѓе, а проекциите се организираат согласно актуелните ковид-протоколи.

(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 22 април 2022 во весникот „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот