Филмска програма со огромен дијапазон на чувства на „Синедејс 2021“

Јубилејното издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“, што оваа година се одржува во летен формат од 15 до 21 јули, како магнет ја привлече скопската публика пред многубројните филмски платна растегнати насекаде низ градот.

Под слоганот „Филм фактор 20“ филмскиот пулс на фестивалот „Синедејс“ се прошири низ целиот град на локации покрај Вардар, езерцето во Градскиот парк, на врвот на Водно и на Кале, како и на познатите локации Парк МКЦ, парк Ибни Пајко, а за најмладите два детски филма ќе се прикажат во кино „Милениум“. Проекциите на сите локации се исполнети до последното место уште од првата фестивалска вечер, а публиката веќе спонтано ги практикува протоколите за културни настани на отворен простор.

Долгогодишниот соработник на фестивалот Бернд Будер и оваа година одбра одлични филмски остварувања структурирани во повеќе селекции: Официјална селекција, Гала програма, Селекција на анимирани музички видеа, МК во ЕУ, УНИЦЕФ еко-филм програма, МК кратки филмови, БАФТА 2020, ЈИЕ-програма, Детска програма, музичка селекција од концерти во специјалната програма на фестивалот – cinEmusic.

– Сценаријата на филмовите од овогодишната селекција на „Синедејс“ се развивани пред ковид-19. Прикажуваат претпандемиски содржини. Меѓутоа сугерираат и дека постпандемискиот свет нема да тече премногу различно. Мајки ќе продолжат да се грижат за своите тврдоглави ќерки, сестри ќе заминат по различни патишта, добри пријатели ќе имаат погрешни одговори на вистински прашања, а погрешни пријатели ќе ве направат посилни без да сакаат. Лаконизмот и гневот ќе останат основни средства за преживување криза, а желбата и креативноста соодветни алатки за да се заборават. Потрагата по промени ќе стане поинтензивна, предложените решенија поразновидни – но, зар не било вака отсекогаш? Патешествието со девет филма во ерата пред ковидот покажува огромен дијапазон на чувства. Не сакаме да ја преувеличиме улогата на филмот во поглед во соочувањето со реалноста. Но искуството на филмот помага. Гледаме луѓе, напати како нас, кои скокаат над своите сенки, кои мораат. На крај, не е сѐ совршено. Но, и покрај сите реални рани, сета егзистенционална болка и сите предизвици, надежта и животот повторно се разгоруваат – се размислувања на селекторот Бернд Будер.

Проекциите на сите локации се исполнети до последното место уште од првата фестивалска вечер, а публиката спонтано ги практикува протоколите за културни настани на отворен простор / Фотографија: Стефан Самандов

Екипата на „Синедејс“ особено е горда и на мастеркласот на највлијателниот европски режисер изминативе 30 години и револуционер на современото кино, Бела Тар, што ќе се одржи на 17 јули во киното „Фросина“.

– Филмовите на Бела Тар прикажуваат обични животи преку едноставноста на нивните метафизички и достоинствени борби. Нема сценарио, нема професионални актери, нема правилна драматургија, често само грди парчиња полни со енергија и гнев, кои го разголуваат животот. Затоа камерата кај Тар има кореографско движење со хипнотичка, меланхолична, строга и енигматична моќ – навестува филмскиот критичар Влатко Галевски.

Како дополнителна програма на фестивалот е „Living music project“ со кој на пет филма ќе се изведува музика во живо, создадена од различни тимови од композитори и режисер, а имаше и предавање на тема „Музиката во македонскиот филм“ на проф. д-р Александар Трајковски.

Годинава за првпат „Синедејс“ остварува соработка со УНИЦЕФ и во рамки на фестивалот ќе се одржат работилници и филмски програми што ќе ја потенцираат важноста на филмската уметност во процесот на зачувување на животната средина.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 89, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-18 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот