Филмови што ја одбележаа 2019 година: „Ирецот“, „Џокер“, „Медена земја“

Документарниот филм „Медена земја“ е сериозен кандидат за номинацијата за Оскар, а во меѓувреме доби и огромен број награди на бројни и значајни фестивали.

Во 2019 година проследивме повеќе добри филмски остварувања, но по добро востонавениот обичај, редно е да ги одбереме и најдобрите филмови на годината.

Ќе започнеме со филмот што последен им беше прикажан на гледачите, а тоа е секако последното ремек-дело на славнииот режисер Мартин Скорсезе.

1. „Ирецот“

Скорсезе уште еднаш ја покажа својата „магија“ со режијата на „Ирецот“, приказна за ноторниот синдикален лидер од САД, Џими Хофа, и неговите конекции со италијанската мафија.
На едно место Скорсезе ги обедини легендите Ал Пачино, Роберт Де Ниро и Џое Пеши, како и поголем број филмски ѕвезди. За многумина ова е последниот мафијашки филм.

„Ирецот“ доби највисоки оценки, но затоа доби и голем број критики. Од Асоцијацијата на филмски работници на САД, овој филм беше оценет како најголема опасност по струката, поради тоа што дистрибуцијата на филмот му беше доверена на Нетфликс. Во пракса тоа значеше дека премиерата за кратко време се појави во неколку киносали, додека најголемиот дел од заинтересираните имаа прилика да го погледаат филмот единствено на интернет-платформата.

И покрај контроверзите, „Ирецот“ е одличен филм, кој секако ќе остане антологиски и во годините што следуваат.

2. „Џокер“

За разлика од филмовите за „Бетмен“, од ДС Комикс се решија спинофот за најголемиот непријател на „човекот лилјак“, Џокер, да го направат на сосема поинаква матрица. Па наместо фантастична сценографија и костимирани актери, „Џокер“ беше снимен во поджанрот црна-комедија, со што привлече дополнителна публика.
Овој филм спротивно на сите очекувања постави нови рекорди на киноблагајните и е еден од најуспешните комерцијални проекти на сите времиња. Тоа се должи пред сè на тоа што сите фанови на „Бетмен“ буквално со трчање ги посетија кината ширум светот, но одличните критики на „Џокер“ го привлекоа и останатиот дел од гледалиштето.
Жоакин Феникс даде уште една незаборавна улога и повторно се споменува како еден од главните кандидати за Оскар, награда на која полека се навикнува редовно да ја добива. Исто така и самиот филм се претпоставува дека ќе добие најголем број награди на свечената церемонија организирана од Американската филмска академија.

3. „Беше еднаш во Холивуд“

Квентин Тарантино на фановите им го понуди својот деветти филм во кариерата, кој се очекуваше долго време.
Но иако филмот имаше мошне солидна заработка и гледаност, сепак многумина останаа разочарани од тоа што го видоа во „Беше еднаш во Холивуд“. Во најавите беше опишано дека тоа ќе биде приказна за озлогласениот Чарлс Менсон, но испадна дека е своевиден омаж на Холивуд од 60-тите години на минатиот век и тоа од субјективната перспектива на режисерот.
Овој филм е далеку од значајните филмски награди и тешко дека ќе биде вметнат во конкуренција за Оскарите. Згора на сè и критиките навистина не му беа наклонети на Тарантино овојпат.

4. „Приказна за играчките 4“

Тешко која друга франшиза може да доживее четири продолженија, а притоа секогаш на публиката да ѝ претстави комплетно нова и свежа идеја.
Тоа им успеа во Пиксар со четвртото продолжение од „Приказната за играчките“. Како и оригиналното издание, кое внесе нова револуција во анимираниот филм, така и „Приказна за играчките 4“ прескокна нова височина поставена од продукцијата, претставувајќи им на децата од целиот свет ново волшепство.
Генерации на деца се пораснати на играчките и нивните приказни, па овој анимиран филм е веќе антологиски, иако е снимен во поново време.

5. „Медена земја“

Македонија конечно доби филм со кој може да се гордее. Документарниот филм „Медена земја“ е сериозен кандидат за номинацијата за Оскар, а во меѓувреме доби и огромен број награди на бројни и значајни фестивали.

Овој неверојатен, длабок документарец почна како видео за зачувување на природата и за еден од последните пчелари во Европа. Дејството е во напуштено село во Македонија, каде што Атиџе, жена на околу 50 години, собира мед на традиционален начин. „Половина за нив, половина за мене“, вели таа, оставајќи доволно за пчелите.

Филмот на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов почнува да зазема епски размери, претворајќи се во парабола за искористување на природните ресурси или можеби микрокосмос на самоубиственото уништување на животната средина на луѓето.

Атиџе прво се појавува стоејќи на опасен раб на карпа, не носејќи заштитна маска. Над неа има облак од пчели додека таа се обидува да го отстрани саќето од кошница во карпите. Таа е неверојатна жена, природен оптимист кој живее во сиромаштија – таа и нејзината изнемоштена стара мајка се последните жители во нивното село, без електрична енергија и вода. Нејзиниот живот можеби не е тој што би го избрал, но Хатиџе живее со ентузијазам. Животните и малите деца инстинктивно ѝ веруваат.

Атиџе го обожава друштвото на говедарот кој ги води кравите заедно со својата сопруга и седумте деца. Таа дури и му покажува на Хусеин како се чуваат пчелите. – Само не земај многу мед – го предупредува. Но, нејзините предупредувања Хусеин не ги зема предвид и поради тоа има ужасни последици. Но, Хусеин не е негативец; тој е човек со долгови и има семејство што треба да го храни.
„Медена земја“ е навистина чудесен подвиг – како да е снимен со невидлива камера – нема ниту еден поглед насочен кон камерата. Што се однесува до Атиџе, би можеле да ја гледате со часови. Во прекрасна сцена со еден од синовите на Хусеин, нејзиниот омилен, тој ја прашува зошто таа не го напуштила селото – се вели во рецензијата објавена од престижниот британски весник „Гардијан“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот