Филмот „Некрстени денови“ на Иво Трајков е визуелно раскошна приказна

Сцена од филмот „Некрстени денови“

Проекцијата на филмот „Некрстени денови“ и разговорот со македонскиот режисер Иво Трајков предизвикаа голем интерес кај публиката на отворањето на 13. издание на Филозофскиот филмски фестивал, што се одржува од 2 до 9 јуни во Кинотеката во Скопје.

Македонската премиера на долгометражниот игран филм „Некрстени денови“ (интернационалниот наслов е „Piargy“) на еминентниот филмски режисер Иво Трајков се одржа на отворањето на 13. издание на Филозофскиот филмски фестивал, на 2 јуни во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката во Скопје.

Филмот е реализиран во словачко-македонско-чешка копродукција и досега има учествувано на голем број меѓународни филмски фестивали и е добитник на повеќе награди, меѓу другите и на фестивалите во Буенос Аирес, Брисел, Монтреал.

– Сакав премиерното прикажување во Македонија да биде нешто вонредно. Од тој поглед ми се чини дека и самата идеја за филозофски филмски фестивал е нешто уникатно и надвор од границите на Македонија. Филозофијата е присутна во секој филм како составен дел на животот. Во овој филм се појавуваат и некои теозофски аспекти – истакна режисерот Трајков по повод фестивалската премиера во разговор со публиката по проекцијата на филмот.

Режисерот Иво Трајков во разговор со фестивалската публика

Визуелно раскошната приказна е базирана на краток расказ на словачкиот писател Франтишек Швантнер, чие творештво во словачката литература Трајков го смести во жанрот „магичен реализам“ и го спореди со приказните и значењето што Живко Чинго го има во македонската литература. Дури и посочи дека заслугата што добил покана да снима филм во Словачка ја има снимањето на неговиот македонски филм „Големата вода“, каде меѓу копродуцентите се појавува и Словачка.

Дејството во филмот „Некрстени денови“ се случува во малото планинско село Пиарџи непосредно пред почетокот на Втората светска војна. Во пролетта 1939 година селото е затрупано од снежна лавина само неколку дена откако се родил Антихристот.

Филмот импресионира со својата оригиналност и раритетност во пристапот на темата, која ги опфаќа љубовта, страста, надежта, гревот и казната. Преку брилијантна црно-бела фотографија Трајков суптилно и нетенденциозно ни доловува атмосфера на историска драма и ја претставува хипокризијата на моралот, религијата и патријархалната традиција во општеството.

Ќе потсетиме, Иво Трајков е македонски режисер, продуцент и сценарист кој живее во Чешка и предава на престижната филмска академија ФАМУ во Прага.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот