Филмолошки студии: Кинотеката објави дигитализирано издание на „Историја на филмот“

Деновиве Кинотеката на Северна Македонија на нејзината интернет-страница го објави дигитализираното издание на „ Историја на филмот, книга I – Раздобјето на немиот филм (1895 – 1927)“ на историчарот и теоретичар на филмот Георги Василевски.

Книгата е издадена во едицијата „Филмолошки студии“ на Кинотека на Македонија, Скопје, 2000 година, како почеток на едно патешествие на синеастичкиот ерудит низ филмската уметност омеѓена со историски факти и теоретски промислувања.

Георги Василевски (1935, Гуменџе, Грција – 2 август 2009, Скопје) како филмски критичар, публицист и есеист напиша четири томови со „Историја на филмот“. Во 2009 година излезе и неговото капитално дело „Филмска енциклопедија“, во која на вкупно 800 страници, по азбучен ред ја опфаќа историјата на филмот, филмските автори, периоди и филмски жанрови.

Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје во 1960 година. Уште како студент објавувал филмска критика и активно учествувал во работата на Академскиот кино-клуб „Скопје“, а потоа се вработил во Радио Скопје, каде што ја водел емисијата „Низ окото на филмската камера“.

По враќањето од студискиот престој во Париз во 1970, под патронат на париската Кинотека, станува уредник на филмската програма во тогашната Телевизија Скопје и ја уредува и води емисијата „Во фокусот на филмот“.

Во некогашна Југославија соработувал со речиси сите филмски списанија, а во некои од нив бил и член на редакцијата, како „Филмограф“ од Белград и „Екран“ од Љубљана. Автор е на стотина научни трудови посветени на историјата, теоријата и естетиката на филмот. Припаѓа на тесната група критичари што го основале движењето „Синеастички вечери“ и ги покренале филмските списанија „Кинотечен месечник“, а подоцна и „Кинопис“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 42, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 4 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот