Игор Филков / Фото: „Слободен печат“ /Слободан Ѓуриќ

Филков ја смести ДУИ на тажната страна на историјата

Министерот за правда Игор Филков за ДУИ оцени дека се политичари од минатитот век на кои им се битни националромантичарски теми, откако интегративците најавија дека ќе бараат министерот кривично да одговара поради неможноста правосудниот испит да се полага на албански јазик.

– Сметам дека националромантичарските теми се важни за оние политичари од минатиот век. Како што кажав, ние работиме чисто и решително на стабилност, просперитет и владеење на правото, сѐ друго  ќе биде оставено на тажната страна на историјата – рече Филков.

Според Филков, во моментов нема можност за измени на законите во врска со полагањето на правосудниот испит на албански јазик, но тој не прецизира зошто.

ДУИ вчера достави до Собранието измени на Законот за правосуден испит и побара кривична одговорност за министерот и акција на Инспекторатот за употреба на јазиците.

Со предложените измени на Законот, се бара „правосудниот испит да се полага на македонски јазик и на неговото кирилско писмо или на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на РС Македонија и неговото писмо“. При полагање на правосудниот испит, кандидатот задолжително во барањето за полагање да наведе еден од јазиците на кој ќе полага, програмата да се подготвува на македонски и со кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо, да ги содржи прописите, правната литература, а и испитните прашања да се преведени на албански.

ДУИ побара одговорност од министерот Филков.

– Бараме од Инспекторатот за употреба на јазиците веднаш да ги утврди прекршувањата и да поведе прекршочна постапка против Министерството за правда и одговорните лица, а Јавното обвинителство да процени постоење елементи за кривично гонење за злоупотреба на службена положба, неизвршување службена должност и поттикнување меѓуетничка нетрпеливост. Бараме и лична одговорност од министерот за правда за секоја одлука или недејствие што го попречува спроведувањето на Законот – велат од ДУИ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот