Филиповски и Муцунски во жестока дебата за Аеродром, паднаа обвинувања за „државна цицка“ и корупција

Дебата на кандидатите за градоначалник на општина Аеродром на Канал 5 / фото: Канал 5 / принтскрин

Во остра конфронтација меѓу претставниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Александар Филиповски и Тимчо Муцунски, како и повеќе препукувања и обвинувања отколку дискусија за развојот на општината, измина вечерашната дебата на кандидатите за градоначалник на скопската општина Аеродром на телевизијата Канал 5, на која учествуваше и кандидатката на Левица, Весна Кираџиева.

Откако Филиповски во неколку наврати го обвини Муцунски дека лаже, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во контраобвинување рече дека фирмата на Филиповски добила 15 милиони евра државни пари откако СДСМ е на власт. Филиповски одговори дека тоа не е точно.

– Вие осум години сте на државна ци*ка и со ништо не придонесувате. Нашата фирма обезбедува храна за 100 семејства. Таа е успешна фирма со години. Работи повеќе од 30 години, рече Филиповски, кој ги критикуваше и ветувањата на противкандидатот за општината како нереални.

Понатаму, Муцунски побара од Филиповски да се огради од непристојната гестикулација на премиерот Зоран Заев од митингот во Аеродром.

– Господине Филиповски, еве оваа дебата е идеална прилика да се оградите од гестикулацијата која премиерот Заев ја направи и ги навреди сите жени. А, вие на тоа се смеевте и аплаудиравте. Утре, тоа може да биде и вашата сопруга, мајка. Оградете се доколку тоа не е ваш став, рече Муцунски и не доби одреден одговор.

Алесандар Филиповски, Тимчо Муцунски и Весна Кираџиева во дебата на кандидатите за градоначалник на Аеродром на ТВ Канал 5 / Фото: Скриншот, Фејсбук

Околу визиите за иднината на општината, Филиповски рече дека има план за решавање на сообраќајниот метеж и за зголемување на зеленилото, во рамките на просторните можности.

– Зголемениот сообраќај може да се реши со различни излези и влезови во самата општина за кое ние веќе имаме решение, како едно од решенијата за намалување на загаденоста е мостот АСНОМ. Она што може да го ветам е дека посебен акцент ќе ставам на чистотата и хигената, рече Филиповски, кој најави нов парк од 5000 квадратни метри во делот позади просториите на Фудбалската федерација.

Муцунски најави 100 000 нови квадратни метри зеленило во Аеродром, за општината да се врати во состојбата од пред повеќе години.

– Пред 5 до 7 години Аеродром важеше за една од најчистите и најзелените општини. Јас бев во Љубљана, се сретнав со министерот за животна средина на Словенија и тој вети помош во обезбедување на европски фондови и искуства кои може да ги искористиме. Мора да обезбедиме и нови зелени површини, но важно е и одржување на постоечките бидејќи истите не беа одржувани, рече тој.

Кандидатката на Левица, Кираџиева, во ретките моменти кога доаѓаше до збор, рече дека меѓу клучните проблеми на општината се хигиената и дивите депонии, како и загадувањето, за кое кажа дека се сомнева во досегашните истражувања, бидејќи биле правени или од поранешната или од сегашната власт и можно е во нив да биле затскривани загадувачи од големата индустрија.

– Особено кога се работи за општина Аеродром, обвинувањата се дека доаѓа од куќите, дека луѓето горат сѐ и сешто, па потоа се автомобилите или користењето возила… и некако имаме чувство дека и претходната и оваа власт затскрива некои странични загадувачи, односно големите индустрии, рече Кираџиева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот