Филипов: Стопанските комори треба да договорат како ќе ги заштитат трговските марки

фото: Слободен печат

Зад затворени врати во Стопанската комора денеска се одржа средба на која присуствуваа членовите на македонската експертската група, претставници на другите комори и претставници од Министерството за надворешни работи кои утврдуваа како треба се одвиваат разговорите со нивните грчки колеги во поглед на заштитата на трговските марки и брендови, како и производите, што е дел од Договорот од Преспа.

– Ние се обидуваме да ги анимираме нив, затоа што дел од стопанствениците немаат доволно познавање и не сметаат дека тоа е нивно прашање, затоа што во Договорот стои дека деловните заедници се тие кои треба да ги разјаснат во крајна инстанца. Додека меѓународната група е тука да им помага тоа да биде во согласност со меѓународното право – вели претседателот на македонската група Ѓорѓи Филипов.

Во средината на јуни беше формирана меѓународната група на експерти составена од пет членови од нашата земја и пет од Грција, еден експерт од Светската организација за интелектуална сопственост и се очекуваат уште еден или двајца од Европскиот завод за интелектуална сопственост.

Групата во ваков состав досега има одржано само еден состанок, a следниот се очекува да биде до крајот на годината во Атина.

– Ние вршиме подготовки со нашите деловни заедници, а исто така мислам и грчката страна дека го прави истото, при што ќе се подготви „терен“ за разговор на деловните заедници. Во суштина разговорот околу трговските имиња, трговските марки и брендовите ќе се одвиваат меѓу деловните заедници, кои ќе си формираат свои групи, додека меѓународната група ќе служи да им ги посочи насоките и да им каже дали се во рамките на Договорот – изјави Филипов.

Според него, некои трговски марки и покрај тоа што се во согласност со меѓународното право, вршат конфузија на пазарот и затоа во интерес на стопанствениците од двете земји е тоа да биде решено. Тој додаде дека размената со Грција почна да расте и годинава е зголемена за околу 10 отсто.

– Во интерес на стопанствениците и на потрошувачите е да нема конфузија во врска со тоа дали купуваат производи од Грција или од Северна Македонија, додава тој.

– Во поглед на трговските марки, со името „Македонија“ и другите изведенки од него, ние имаме предност со тоа што сме единствената држава во светот што го има зборот „Македонија“ во своето име, но сепак во поглед на марките и трговските имиња, оние што треба да ги постигнат договорите се стопанските комори, бизнисмените. Во Македонија има околу 3.200 фирми што имаат во некаква форма „македонски“ во името , а во Грција околу 3.500, а Грција е наш трет трговски партнер според трговската размена, па очекувам дека бизнисите бргу ќе си ги најдат заедничките интереси. Досега се покажа дека тие (бизнисите) со поладна глава од новинарите и политичарите реагираа на прашањата што се отвораа во последно време околу трговските марки – објасни Филипов.

Тој вели дека стопанските субјекти и во Македонија и во Грција воопшто не реагирале сензационалистички на предлогот на премиерот Кирјакос Мицотакис за новата трговска марка, односно промотивниот маркетиншки слоган “Macedonia is GReat”. Стопанствениците имаат еден интерес, а тоа е да се зголеми продажбата и профитот, дециден е Филипов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот