Филипче: Здравствениот систем се подготвува за вакцинација за ковид-19

Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Во синоќешното госување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21, министерот за здравство Венко Филипче, меѓу другото, се осврна и на вакцините за ковид-19, тогаш кога истите ќе бидат достапни, напоменувајќи дека веќе се работи на групите на граѓани за кои ќе има препорака да ја примат оваа вакцина.
– Вакцинацијата со оваа вакцина ќе биде една од најголемите логистички операции која ќе треба да ја спроведе здравствениот систем, за што веројатно ќе ни треба помош и од други сектори – да се примат вакцините, соодветно да се чуваат, да се транспортираат, дистрибуираат до местото каде што ќе се аплицираат на лицата кои претходно ќе бидат селектирани како ризични групи што треба да ја примат вакцината, и ние веќе на ова поле сериозно работиме. Ние ги ангажиравме сите економски оператори коишто и сега ги чуваат и ги дистрибуираат вакцините. Тие изразија максимална подготвеност и согласност да го поддржат овој систем. Искомуницирани се сите вакцинални пунктови и една американска фондација. Добивме помош со фрижидери со температура до – 70 за вакцината „Фајзер” единствена којашто е на таа температура, но ние мора да обезбедиме услови и за таа вакцина. Така што сметам дека во делот на прием, во делот на чување на вакцините, дистрибуција до местата каде што ќе бидат аплицирани веќе планот е спремен, но многу веројатно е дека во текот на следната недела ќе организираме и една вежба на терен како тоа ќе изгледа, изјави министерот.
Филипче рече дека најверојатно вакцинирањето ќе го спроведат лекари и медицински сестри кои во овој момент не работат со ковид пациенти, а за што ќе биде организирана и обука. Тоа е планот, бидејќи најверојатно и следната година, тогаш кога ја очекуваме вакцината некаде во првите месеци, се уште ќе има пациенти заболени од ковид и лекарите и сестрите кои и сега работат и тогаш ќе работат со овие пациенти.
Филипче појасни дека треба да добиеме 400.000 вакцини, но дали ќе дојдат сите одеднаш се чека на одговор, а тоа зависи од механизмот на Ковакс.
– Ние испративме допис и чекаме одговор. Не сум сигурен дека и тие точно знаат заради тоа што првите количини, тоа е суштината на Ковакс механизмот ќе бидат дистрибуирани во сите земји во регионот коишто аплицирале за тој месец. Очекуваме да биде во март месец но не можеме да бидеме сигурни. Кој ќе биде вакциниран е многу важно прашање и препораки се да тоа најнапред бидат здравствените работници, вработените во војската и полицијата, сите јавни службеници, во јавниот транспорт, хроничните болни сите критични групи согласно мислењето на експертите, рече Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот