Филипче: Заводот во Козле нема да работи, заразени се осум медицински лица и двајца пациенти

Осум медицински лица и двајца пациенти од Институт за физикална медицина и рехабилитација во Скопје се позитивни на коронавирусот. Во Институтот се тестирани 46 вработени и шест пациенти. Примероците се земени на 26, 27 и 28 март. Во текот на денешниот ден се тестирани уште 16 пациенти кои во моментов се се уште хоспитализирани во Заводот.

Ова попладнево на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека имајќи ги предвид резултатите обемот и спецификата на работата Институтот нема да работи во следниот период и сите пациенти на кои ќе им биде потребна ваква форма на терапија ќе бидат упатени во ГОБ „8 Септември”, каде има одделение за физикална медицина и рехабилитација во форма на амбулантски третман или хоспитализација.

Тој посочи дека денеска се потврдени 26 нови случаи со коронавирус, од кои еден во Дебар, 19 во Скопје, три во Куманово, еден во Прилеп, еден во Тетово и еден во Крива Паланка, со што вкупниот број дијагностицирани изнесува 285 лица. За жал, истакна, денеска има уште смртен случај, тоа е 79-годишен пациент од Дебар, дијагностициран на 23 март, хоспитализиран на 25 март и кој имаше коморбидитети.  Досега потврдени случаи има во Дебар, Скопје, Штип, Гостивар, Охрид, Кавадарци, Куманово, Прилеп, Велес, Тетово, Струга, Битола, Струмица, Гевгелија и Крива Паланка.

– Добрата вест денеска е што од Клиниката за инфективни болести се испишани односно се излекувани девет пациенти од кои осум од Дебар, а еден од Скопје. Тие имаат два негативни теста и се испратени на домашно лекување во добра здравствена состојба. Пациентите кои имаа полесна клиничка слика веќе закрепнуваат и во следните денови очекуваме закрепнување и целосно излекување и на други пациенти кои по истиот систем на двојно тесторање согласно резчлтатите ќе бидат упатени на домашно лекување, рече Филипче.

Во изминатото денонокие на Клиниката за инфективни болести, потенцира министерот, се примени осум нови пациенти и сега има вкупно 47 хоспитализирани од кои тројца се поставени на механичка вентилација на возраст од 50, 63 и 67 години, а на кислородна поддршка се дополнителни девет пациенти, а стабилна е состојбата на пациентите во сите други градови.

Во врска со случувањата во изминатите 24 часа и во текот на викендот, Филипче рече дека има една почината пациентка во Општата болница во Струга која е донесена поради потешкотии во дишењето, имала и претходно хронична респираторна болест, направен е обид за реанимација, за жал починала. Но, како што нагласи министерот, таа не е дијагностицирана со коронавирус, но со оглед на сличноста на клиничката слика на оваа болест, непосредно по смртта е земен брис и кога ќе бидат готови резултатите ќе ја известат јавноста.

Филипче го повтори концептот за матичните лекари кои, како што рече, ги имаат добиено податоците за нивните прикрепени матични пациенти кои се дијагностицирани со коронавирусот, односно се наоѓаат на домашно лекување. Министерот посочи дека матичниот лекар има обврска да го контактира пациентот два пати во денот и да го известува електронски системот МојТермин, кој електронскиот извештај го праќа во Министерството и во Клиниката за инфективни болести.

Тој информираше и дека од денеска работи уште еден пункт за тестирање во Поликлиниката во Чаир, а од среда и пунктот во Поликлиниката Идадија, а следните денови во сите други градови освен пунктовите за земање брисеви во центрите за јавно здравје согласно големината на градот ќе има уште еден или два пункта во рамките на Здравствениот дом, каде стручни лица, здравствени работници ќе ги земаат материјалите и ќе ги испраќаат на тестирање во лабораторијата во Институтот за јавно здравје.

– Заврши и посетата на стручната Комисија на приватните лаборатории со чие вклучување согласно договорите кои ќе се направат со Фондот за здравствено осигурување капацитетот значајно ќе се зголеми. Имаме на располагање сосема доволен број тестови, 20.000 тестови како донација веќе се на пат кон нашата земја освен тестовите со кои и сега располагаме и 5.000 тестови се донација од една приватна наша лабораторија која ќе се вклучи во системот на изработка на анализите на брисевите земени од пунктовите ширум државата, нагласи министерот за здравство.

Тој рече дека од денеска се организира работата на Клинкиката за кожни болести и во следните денови ќе го соопштат начинот на работа согласно термините кои ќе бидат ослободени преку МојТермин.

Филипче на прес-конференцијата на сите граѓани им го честиташе полноправното членство во НАТО со желба и уверување дека оваа битка ќе заврши што побрзо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот