Филипче уверува: Сите вакцини се безбедни, не постои законска пречка за увоз на која било од нив

Имаме начин да увеземе од која било вакцина против ковид-19 и не постои никаква законска пречка за тоа, рече министерот за здравство, Венко Филипче во вечерашното гостување во вестите на ТВ Канал 5.

Вакцините, вели, се нов продукт и истите ниту една земја ги нема регистрирано, но сите производители имаат документи со кои го гарантираат квалитетот на лекот. Тој посочи дека првите вакцини во земјава ќе влезат со интервентен увоз и тоа не е никаква новина, туку е пракса години наназад.

– Регистрацијата е процес кој зависи од земјата која тој препарат го увезува. Тој процес не е задолжителен и не е гаранција за квалитетот на производот, тоа е разгледување на документите кога се внесува еден препарат, лек, вакцина во земјата. Во таа смисла имаме начин да се увезат вакцините од било кој производител, тоа е со интервентен увоз и тоа така историски наназад се правело, не само со вакцини туку и со многу други лекови, рече Филипче.

Додаде дека сите производители кои нудат вакцини на пазарот, имаат документи кои го гарантираат квалитетот на вакцината.

– Во ниту една земја вакцините не се регистрирани затоа што се нови продукти и тоа е неверојатно да се случи во краток временски период. Тоа секако ќе се случи, но првите вакцини ќе влезат со интервентен увоз, истите се проверени од своите национални институции и таму каде се произведени. Веќе во српската агенција за лекови се објавени документи дека е тестирана кинеската вакцина на одредени параметри и тие кои може таму да се тестираат се солидни. Таа вакцина е сосема безбедна да се користи, рече министерот.

Посочи дека Министерството за здравство останува посветено на сите три механизми за набавка на вакцините, но соочени со состојбата дека потребата за вакцини е голема секаде во светот, се евалуирал и планот за набавка на кинеска вакцина. Филипче најави дека целта е вакцинацијата во земјава да се одвива со еден континуитет и да нема прекин како што е случај со некои други земји, бидејќи станува збор за голем притисок за набавка и производство на вакцини против ковид 19 насекаде во светот.

– Кинеските вакцини ги евалуиравме и во претходниот период, сакаме да се осигураме дека вакциналниот процес ќе започне и ќе нема паузи. Сите вакцини кои се на располагање се сосем безбедни, тие се евалуирани од своите национални агенции, дел од нив и од европските и од американските регулатори. Целта е да имаме вакцини од повеќе производители за да не се соочиме со недостаток, истакна Филипче.

Првите вакцини кои треба да стигнат во земјава во месец февруари според најавите на „Фајзер” ќе бидат вакцините од Србија, а потоа ќе стигне и пратката директно од производителот.

– Веќе во петок на состанокот со претставници од Ковакс механизмот ќе се знае колку вакцини преку овој систем ќе бидат испорачани во земјава, рече министерот Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот