Филипче: Трета доза може да примат сите граѓани без разлика на возраста и хроничните заболувања

Прес-конференција на министерот за здравство Венко Филипче / Фото: Принтскрин

Трета доза вакцина против ковид-19 освен граѓани над 60 години ќе може да добијат и кои било други граѓани без оглед на возраста, без оглед на тоа дали имаат или немаат хронични болести, а се во значаен ризик заради фреквентните контакти, типот на работа, работното место, да заболат од ковид-19. Ова е препораката од Комитетот за имунизација која денеска на прес-конференција ја соопшти министерот за здравство Венко Филипче. Тој посочи дека тоа се препораки што практично ги следат препораките од некои други европски земји и САД.

Претседателот на Комитетот за имунизација, Александра Грозданова појасни дека следејќи го искуството и тоа што е во пракса во во другите евроспки земји и во САД, сметаат дека освен за граѓани над 60 години, сите здравствени работници и лица со имунокомпромитирана состојба, трета доза вакцина се препорачува да примат и граѓани кај кои постои ризик од можна појава на ковид-19 заради нивното работно место, заради честите контакти приватно или на работните места…

– Најверојатно и оваа препорака ќе се дефинира со цел да се заштитиме од многу инвазивниот делта сој и бидејќи шесте месеци од почетокот на вакцинацијата упатува на тоа дека ефективноста на дел од вакцините се намалува и токму поради тоа беше иницијалната препорака за трета доза, додаде д-р Грозданова.

Во врска со состојбата со ковид-19 во државава министерот Филипче рече дека таа е многу стабилна во смисла на тоа дека континуирано повеќе денови има речиси идентичен број новодијагностицирани случаи – меѓу 450 и 500, но бројот на хоспитализирани пациенти се намалува насекаде низ државата.

– Во болниците ширум државата, во клиничките болници и општите болници пациентите се сместени само во инфективните одделенија, многу мал број во Кичево и во Тетово по пет до десет пациенти во Охрид, во Прилеп има 17, во Струга 15 пациенти, шест пациенти во Кавадарци, а во Скопје, Клиниката за оториноларингологија и болницата во Козле веќе се враќаат во нормална работа. Значи, таму веќе се празнат капацитетите и нема да се сместуваат повеќе пациенти. Останува во Скопје хоспитализација на Инфективната клиника и во двете приземни одделенија на старата Интерна клиника, каде се уште се одвива ротацијата на кадарот од сите клиники, тука на Клиничкиот центар. Околу 580 пациенти има вкупно хоспитализирани пациенти денеска и тоа е трендот на намалување во изминатите денови, 700, од близу 650 и еве денеска под 600 пациенти, истакна Филипче.

Во однос на вакцинацијата, посочи дека вкупно се вакцинирани 789 000 граѓани, од кои 734 000 се ревакцинирани.

– Четириесет и седум отсто од полнолетната популација примила најмалку една доза во нашата држава, а на територијата на целата држава од вкупното население 38,2 проценти. Има голема разлика од општина во општина. Најмногу вакцинирани со две дози полнолетни граѓани во Вевчани 72 проценти, над 60 проценти во Гевгелија, Демир Капија, Кавадарци и Охрид, над 55 проценти во Росоман, Ресен, Дојран, Дебарца, Богданци, Битола и Берово, и под 30 проценти таму каде е низок опфатот – Липково, Македонска Каменица и Ново Село. Таа разлика во опфатот со вакцинација во изминатиот период при почеток на последниот бран видовме како се реперкуира и на болниците и на бројот на пациенти кои се јавуваат за хоспитализација, рече Филипче.

Нагласи дека вакцини има сосема доволно, околу 260 илјади дози „Фајзер“, 45 илјади дози „Синовак“, 100 илјади дози „Астра-Зенека“.

– Од петокот повеќе не функционира пунктот во салата „Борис Трајковски“. Сега седум поликлиники во рамки на Здравствениот дом Скопје функционираат и тука во две смени се одвива вакцинацијата. Тоа сосем доволно капацитет. Тука може да се јават граѓаните за која било доза на вакцина. Анализата на бројот на позитивни случаи, хоспитализирани и смртни случаи уште еднаш ја потврдуваат ефикасноста на вакцината. Околу 77 проценти од новите случаи и 79 од хоспитализираните се невакцинирани. Дури 85 проценти во онаа последна анализа за месец септември биле исто така невакцинирани, додаде Филипче.

Извор: МИA

Филипче: 8200 ученици од основните и средните училишта ќе бидат тестирани за присуство на вирусот ковид-19

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот