15.8 C
Скопје

Филипче: Трансплантацијата на срце е успешно завршена, а примател е 51-годишен пациент

Пациентот со трансплантирано срце сега е во одделот за интензивна нега. Пред него се неколку денови на борба во смисла на тоа што овие први часови, денови се критични со можни компликации. Ова е четврта трансплантација и на некој начин целокупниот тој процес добро се канализираше и добро се одвива. Сѐ посвесни се семејствата за тоа какво добро дело прават кога ќе се согласат да се донираат органите од пациенти на кои за жал им нема спас, истакна попладнево министерот за здравство Венко Филипче.

Тој рече дека трансплантацијата на срце успешно се завршила, а примател на срцето е 51-годишен пациент кој немал друга алтернатива после сите направени анализи, не бил кандидат да прими механичко срце, а имал срцева слабост која значајно го отежнувала неговото нормално функционирање и практично освен актот на трансплантација друг спас немал.

– Се трансплантираа бубрезите на 22-годишен пациент и 33-годишен пациент и тие интервенции успешно завршија, потенцира Филипче.

Посочи дека во текот на вчерашниот ден во попладневните часови кај една пациентка се дијагностицирала мозочна смрт и после разговорот со семејството од страна на националниот координатор за трансплантација доктор Маја Мојсова Мијоска и нејзиниот тим, тие се согласиле да се донираат срцето, бубрезите и коскено ткиво, за што изрази голема благодарност.

– Членовите на семејството треба да се свесни, да знаат дека спасија еден човечки живот и го подобрија квалитетот на други двајца односно тројца пациенти. Верувам дека и добрите и успешни случаи досега се најдобар знак и показател како треба да се одвива целокупната работа, кампањата која ја спроведуваме со медиумите за подигнувањето на свеста за важноста на трансплантацијата, истакна Филипче и изрази благодарност до сите лекарски тимови кои синоќа беа вклучени и упати честитки за успешната работа.

Националниот координатор за трансплантација во државата Маја Мојсова Мијоска рече дека поминале тешка вечер, се уште чувствуваат знаци на умор, но смета дека конечно направиле  некаков систем и еден голем импакт на граѓаните во однос на свесноста што значи мозочна смрт и што значи органодарителство.

– Оваа година претходна што беше исклучително тешка за здравствениот систем успеавме да направиме пет трансплантации од починат донор, од нив четири срца и 10 бубрега, делови од коскено ткиво што беа пресадени минатиот пат и во суштина сме на добар пат да бидеме забележани и од Европа во однос и на бројката и во однос на квалитетот на трансплантациите. Генерално еден здравствен систем се цени по нивото на трансплантација и нивото на здравствениот систем во суштина е препознаен по трансплантациите што се одвиваат затоа што тоа во суштина е и највисоко дело од здравствениот систем, рече д-р Мојсова Мијоска.

Без семејствата кои се одлучуваат да даруваат, посочи таа, не би можеле сето ова да го направиме.

– На тие семејства им благодариме од сѐ срце. Сакаме да изразиме сочувство, но сакаме да знаат дека направиле големо дело, дека дел од нивните блиски сѐ уште живее во други пациенти, добро се чувствуваат. Да не заборавиме дека во истава недела во два дена се направени една трансплантација од жив донор на бубрези и две од починат донор. Сите пациенти се во добра состојба и им пожелуваме побрзо заздравување, да можеме да ги видиме застанати пред нас и да можеме да разговараме со нив. Ние продолжуваме и понатаму, додаде д-р Мојсова Мијоска.

Посочи дека на прав пат се да го држат континуитетот со трансплантациите и се надеваат дека наскоро ќе можат да направат и трансплантација на црн дроб заедно со екипите од абдоминална хирургија и гастроентерохепатологија.

Директорот на Клиниката за државна кардиохирургија, Сашко Јовев рече дека тимот е искоординиран, континуирано се едуцира и си ги извршува своите работи на високо стручно технолошко и организациско ниво.

– Од четворицата пациенти, првите двајца се чувствуваат перфектно. Третата пациентка е веќе во многу подобра општа состојба. Од првиот момент немавме никаков проблем со срцето. Се разбира понекогаш има и некои други компилации, но го надминуваме тоа и таа веќе се чувствува добро. Четвртиот пациент е на интензивна нега кај нас и кој се уште би рекол е во некоја критична состојба. И ќе видиме овие два-три дена како сето тоа ќе се одвива. Критичноста на состојбата не е секогаш резултат на тоа како сето тоа е изведено. Можам со сигурност да потврдам дека се беше извонредно на високо стручно ниво изведено, меѓутоа знаете ние сега во моментов иако свеста за донорството е се поголема немаме голем избор на донори кои ќе имаат срца кои навистина ќе одговараат комплетно и идеално на оние на кои им треба срце, изјави кардиохирургот Јовев.

Појасни дека тие на кои им треба срце, кои се високо на листата и на кои први им нудат срце, се екстремно тешки пациенти.

– Ние мораме да понудиме срце на најтешките пациенти, на екстремно тешките пациенти. Доколку тие одбијат, се оди понатаму. Доколку тие прифатат, одиме со нив, а срцето кое го добиваме од донорот не може секогаш да биде сосема идеално во смисла на големината и во смисла на некои други карактеристики. Некоја гранична состојба имавме и синоќа, иако и за првиот пациент ја имавме, па се помина извонредно. Јас сум оптимист, но сепак морам, бидејќи се работи за висока медицина, технологија, за многу тешки пациенти, да изразам сепак некоја резерва дека треба да почекаме неколку дена да видиме како сето тоа ќе се изведе, рече кардиохирургот Јовев.

Додаде дека имаат тим, можат и оти свеста за донорството е се поголема и поголема, дека имаат одлична поддршка од министерот за здравство и целата екипа на координаторот за трансплантација.

Завршена е трансплантацијата на срце, во тек се двете трансплантации на бубрег од починат донор

Поврзани вести

Рама и Мета ја поздравија одлуката на Холандија за Албанија да почне преговори со ЕУ

Слободен печат

ООН ги поздрави резултатите од средбата меѓу Бајден и Путин

Слободен печат

Шахпаска: Креираме законско решение кое ќе одговори на денешното современо време

Слободен Печат

СДСМ: Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се уште е под палка на бегалецот од Будимпешта

Слободен Печат

Подеми и падови во односите на Путин со американските претседатели

Слободен печат

Паника во Рим: Пронајдена бомба во автомобил на три часа пред почетокот на натпреварот Италија – Швајцарија

Слободен печат

Остави Коментар