Филипче: Ситуацијата е прилично мирна, нема дополнителни рестрикции

Изјава на министерот за здравство Венко Филипче/Фото: Слободен печат/Елизабета Дамјановска Спасеноска

Министерот за здравство Венко Филипче смета дека ниту поради омикрон сојот на Ковид-19, ниту поради кој било друг сој не треба да се прават дополнителни рестрикции.

– Сметам дека сите земји во светот треба да научат да живеат со општите превентивни правила и зголемување на степенот на вакцинација и тоа е излезот од оваа криза. Не може ние за секој еден сој, без разлика на карактеристиките се до оној момент додека не ја влошува ситуацијата, да воведуваме дополнителни рестриктивни мерки, изјави Филипче по посетата на Специјалната болница за гинекологија и акушерство во Чаир.

Според него, задолжителната вакцинација и мерките за патување и да не се преполнуваат затворените простории се сосем доволни.

– Животот постепено се нормализира, некаде целосно е нормализиран и сметам дека овие превентивни мерки се сосем доволни, изјави Филипче.

Тој додаде дека олеснување за следниот министер за здравство е тоа што нема голем број пациенти во ковид-центрите.

– Замислете да имаше огромен број пациенти и преоптоварени ковид-центри. Сега ковид-центрите не се полни зошто нема пациенти, нема приеми ниту во ковид-центрите во Скопје, ниту ширум државата. Во огромен број од инфективните одделенија практично нема хоспитализирани, рече Филипче, посочувајќи дека десетина инфективни одделенија се празни.

Дел од пациентите кои се дијагностицирани, вели министерот, се праќаат на домашно лекување зошто имаат полесна клиничка слика.

– Ситуацијата е прилично мирна, Комисијата за заразни болести ќе ја прати ситуацијата и ако има потреба, секако ќе се предложат мерки, рече Филипче.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска посочи дека засега во земјава има само еден случај на инфициран со омикрон сојот на Ковид-19, а епидемиолошката состојба останува стабилна. Дополнителна анализа, како што рече, ќе се направи во текот на следната недела.

– Засега е само тој еден случај на омикрон. Имајќи предвид дека е случај кој што доаѓа од странство, мислам дека треба да се направи дополнителна анализа во текот на следната недела. Сепак, тоа што е присутен во регионот може да значи дека е заради честите комуникации и патувања на нашите граѓани во соседните земји, изјави Филипче по посетата на Специјалната болница за гинекологија и акушерство во Чаир.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот