Филипче: Се подготвуваме за многу полошо сценарио наесен, што може да доведе болниците да се пренатрупаат

Скопје, 3 јуни 2020 / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Филипче се надева дека такво сценарио ќе избегнат и е сигурен дека ќе го дочекаат подготвени.

Министерот за здравство Венко Филипче вечерва нагласи дека се подготвуваат за многу полошо сценарио наесен и тоа интензивно работат во изминатите повеќе од два месеца. Веќе, како што посочи, нешто е реализирано, а дел допрва треба да се реализира.

Филипче се надева дека такво сценарио ќе избегнат и е сигурен дека ќе го дочекаат подготвени.

– Не само ние, туку и многу земји во светот очекуваат нов бран кој би се должел на поголема концентрација на луѓе во затворени простории, што сега го нема, понатаму дополнителен број на заболени од сезонски грип, пациентите ќе ги окупираат истите одделенија кои се сега окупирани од пациентите кои се лечат од Ковид, што може да доведе до тоа болниците да се пренатрупаат со пациенти и тоа да не може да се изменаџира. И во таа смисла, водејќи се од тоа, очекувајќи едно такво лошо сценарио кое се надевам дека ќе го избегнеме, ќе го дочекаме подготвени, рече Филипче во емисијата „Само вистина” на Канал 5 телевизија.

Нагласи дека ја следат ситуацијата во околните земји и оти земјава во ниту еден момент немала огромен процент на позитивни случаи од вкупниот број на направени тестови што, според него, е еден од најголемите индикатори каква е ситацијата со епидемијата во државата.

Во однос на процентот на починати пациени во земјава, Филипче посочи дека тоа се должи на два сегмента – прво дека ги пријавуваат и починатите на кои им е земен брис по утврдувањето на смртта и второ дека голем процент од пациентите доаѓаат доцна во болница.

– Навистина голем процент од пациентите доаѓаат доцна во болница, тоа е некаде 27-28 проценти и смртен исход има во првите 3-5 дена од лекувањето. Нема ни доволно време, а имајќи ја предвид и тешката форма на болеста, дека премногу долго не се јавувале во болница, после тоа лекарите се немоќни нешто да направат, заклучи Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот