Филипче: Санкцииите за неносење заштитни маски ќе стартуваат од вторник

Санкционирањето за неносење заштитна опрема да почне веднаш, од вторник. Ваков предлог до Владата ќе достави утре Комисијата за здравствена заштита, соопшти на денешната прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој посочи дека на социјалните мрежи и во медиумите се почесто се гледаат слики од граѓани кои или не носат заштитни маски или истите ги носат под брада или во рака.

Со цел да превенираме, понатамошно ширење на коронавирусот, нагласи Филипче, мерките за заштита мора да се почитуваат.

– Ќе предложиме санкции за неносење заштитна опрема да почнат веќе од утре или од вторник. Оваа мерка мора да се почитува. Сакам да им се заблагодарам на граѓаните што ги почитуваат овие мерки, кои, како што гледаме, даваат резултат. Со примената ќе превенираме и ќе го држиме процесот под контрола – изјави Филипче.

Владата донесе одлука според која граѓаните мора да носат заштитни маски во затворени простории, како и на отворен јавен простор каде што е невозможно д ас еодржува дистанца од два метри, како што се пазарите.