Филипче: Проектот за новиот Клинички центар беше потпишан со компанија пред банкрот, па го раскинавме

Венко Филипче, министер за здравство/ Фото: Screenshot/Facebook

Задолжителната вакцинација на здравствените работници е важна поради тоа што здравствените работници се тие кои што треба да бидат пример за тоа. Доколку пациентите доаѓаат таму да се лекуваат, мора да знаат дека луѓето кои ги лекуваат се целосно вакцинирани, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

За предлог-мерките, како што рече, ќе се разговара на Главниот кризен штаб во понеделник, а потоа и на седница на Влада.

– Тоа е нешто што ќе го разговараме неделава што е пред нас. Ние оваа мерка ќе ја дискутираме на Главниот кризен штаб во понеделник, а потоа и на седница на Влада. Денеска искомуницирав и со претседателот на Синдикатот на здравство, кој апсолутно дава поддршка на оваа мерка, но, исто така го иницираше прашањето, исто како и другиот синдикат УПОС, што со оние кои нема да ја почитуваат оваа мерка, рече Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по заедничката прес-конференција со сопругата на полскиот претседател и сопругата на претседателот Пендаровски во Институтот за трансфузиона медицина.

Филипче изјави дека ги следат примерите од останатите држави и оти се повеќе земји од регионот и од Западна Европа применуваат мерки со кои сѐ повеќе рестрикции се однесуваат на невакцинираните.

– Сѐ уште нема земја, ниту има препорака од некоја меѓународна институција оваа вакцина да стане задолжителна и да влезе во календарот. Тоа е нешто што кога би се случило, а искрено верувам дека е еден од начините да се излезе од кризата следната година, ние би го направиле, но, засега нема такви препораки, така што правиме и следиме примери што ги имплементираат различни земји во светот, рече Филипче.

Во моментот, како што соопшти, држават располага со 470 илјади вакцини на Фајзер и 20 илјади Астра Зенека. Се очекува да пристигнат и 200 илјади вакцини на „Фајзер” како донација од Италија, со рок до средината на следната година.

Во врска со реализацијата на проектот за изградба на штипската Клиничка болница, Филипче потврди дека Банката на Советот на Европа, која беше финасиер, се повлекува поради слабата динамика на изградба. Министерствата за здравство и за финансии, како што рече Филипче, веќе работат на изнаоѓање на други начини за финансирање на проектот.

– За жал, затекнавме неколку несоодветни проекти на почетокот на мандатот. Еден од нив беше проектот за новиот Клинички центар потпишан со компанија која беше пред банкрот и тој го раскинавме. Меѓутоа, оваа изградба беше започната, но, за жал, со нецелосен проект кој бараше многу измени и за кој, не по наша вина, туку поради несогласувања, се води судски процес помеѓу изведувачот и иницијалниот произведувач. Истиот заглави во судски процес, а со тоа и во блокада. Гледајќи дека бавно одат работите, банката на Советот на Европа најави дека ќе се повлече, а во координација со Министерството за финансиии сега се бара друг кредитор. Така што, согласно таа динамика, како ќе се одглави тој процес за да може изведувачот да работи и да се најде друг инвеститор, болницата сигурно ќе продолжи да се гради, изјави Филипче.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот