Филипче: Пациентите нема со часови да чекаат во возила на Итна Помош пред болница, системот сега е координиран

Приемот и трансфер на пациенти е координиран и регулиран помеѓу здравствени институции и помеѓу градови, а матичните лекари како и клиничарите играат важна улога од почетокот на пандемијата. Ова беа дел од темите за кои министерот за здравство, Венко Филипче говореше во емисијата Клик плус, која синоќа се емитуваше на ТВ 21.

Филипче посочи дека постои системска комуникација за трансфер на пациенти не само во ковид центрите во Скопје, туку на територија на цела држава, целиот систем е координиран за да не се случи пациент со часови да чека во возило на Итна Помош пред да биде хоспитализиран.

– Ние имаме систем на комуникација и на координација за прием и трансфер на пациенти не само во рамките на една институција туку и од една во друга помеѓу институциите во град Скопје и од сите болници кон скопските клиники. Не може да се случи без координација и без претходна најава во групите коишто ги имаме да се прати пациент без притоа да биде обезбедено место и тој да седи во кола за Итна Помош и да чека. Ние мислевме на сите работи. Во Клиничкиот центар се ставија шатори во кои има греење, на неколку позиции се ставени и пред ГОБ „8 Септември”. Кога има огромен наплив на пациенти, нормално е да има такви ситуации-гужви и сите се тука под притисок и преоптеретени. Не се гужвите заради тоа што некој не работи, гужвите се поради тоа што луѓето се преработени и едноставно некогаш не можат да постигнат. Затоа апелирам, да има и трпение, и разбирање кон здравствените работници. Дел од здравствените работници ова го прават од месец март и не се запрени, и нема ни да запрат, рече Филипче.

Во целиот систем голема улога играат и матичните лекари, кои како што рече министерот ,,лавовски се борат” во изминатиот период, а од почетокот на пандемијата преземаа голем товар во третман на ковид пациентите.

– Матичните лекари преземаа еден огромен дел од теретот, од работата и исто како и клиничарите лавовски се борат сите овие изминати месеци и овде има понекогаш чекање, но историски гледано така било секогаш. Но, коректно и професионално во делот на поддршка на пациентите, кажа Филипче.

Тој потенцираше дека начинот на лекување на пацинети зависи од клиничката слика на пациентот и терапијата не може да биде една за сите пациенти, бидејќи лек за оваа болест е постои.

– Типот на лекување е апсолутно идентичен во сите центри. За оваа болест нема специфична терапија се прави комбинација на лекови нема еден специфичен лек се уште траат испитувања. Над 30 испитувања на лекот Фавипиравир, дополнителни испитувања за другите лекови, ова е болест која се уште се лекува со комбинација на лекови врз основа на симптомите што ги дава пациентот, како и зошто се манифестираат. Досега од друга болест ние не сме виделе случај да направите венепункција и крвта да не може да истече низ иглата заради тоа што е толку згрутчена односно згусната. Тоа во светот на медицината досега не било сретнато, кажа Филипче.

Последните анализи покажуваат дека притисокот кон болниците се намалува, но се уште сме многу внимателни, изјави Филипе, потенцирајќи дека сме далеку од тоа да може да се каже дека ситуцијата стивнува, бидејќи вирусот многу пати досега покажал дека е непредвидлив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот