Филипче останува министер за здравство: Куса врска на прегреан кабел причина за пожарот во тетовската болница

пожар тетово
Увид по пожарот во тетовската модуларна болница / Фото: EPA-EFE/Georgi Licovski

Според извештајот за пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој животот го загубија 14 лица, несреќата се случила како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. По пожарот, министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани понудија оставка од морални причини, но вчера, по објавувањето на извештајот, премиерот Зоран Заев информираше дека не ги прифаќа нивните оставки, за што опозицијата упати остри критики.

Од Јавното обвинителство вчера соопштија дека со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.

По воочена појава на пламен, потенцираат од ЈОРСМ, присутниот медицински персонал презел обид за гаснење, но настанало бурно ширење на пожарот по целиот објект, простирајќи се по кровните панели кон ниските предели на панелните ѕидови и болничкиот инвентар.

– Со оглед на тоа што сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, а со тоа и процентуалното присуство на кислород во целиот болнички простор било зголемено, како и поради настанато оштетување на кислородната инсталација во текот на пожарот, огнот се проширил по целиот објект за многу краток временски период. Кон ова придонел и фактот што во поткровниот простор на објектот не постојат прегради помеѓу модулите/просториите и кон ходникот кои би го успориле пренесувањето на огнот, велат оттаму.

Од Јавното обвинителство посочуваат дека ова вештачење е само еден од досега обезбедените докази и најавуваат дека се очекува во Основното јавно обвинителство Тетово да пристигнат извештаите и податоците за кои обвинителството има издадено наредби и насоки и до други надлежни институции, како и вештачењето кое треба да пристигне согласно побараната меѓународна правна помош од експертски тим од Германија.

Заев, вчера откако го проследи извештајот. одлучи да не ги прифати понудените оставки на Филипче и Хасани.

– Нема причини да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај министерот Венко Филипче и заменик министерот Илир Хасани, кои од морални причини поднесоа оставки. За евентуалните грешки причинети од човечки фактор ќе се произнесат надлежните органи, изјави вчера Заев, додавајќи оти им ја дава довербата да продолжат да го водат здравствениот систем.

Заев нагласи дека останува на ставот оти нема да дозволи политизирање на трагедијата во тетовската болница.

– Ние политичарите и извршната власт, генерално не смееме и нема да го толкуваме извештајот на вештите лица кои постапуваа по наредба на Јавното обвинителствот на Република Северна Македонија, истакна Заев.

Убеден сум, потенцираше Заев, дека Филипче и Хасани направија и професионални и лични ангажмани за македонското здравство и спасија илјадници човечки животи и затоа им ја давам довербата да продолжат да го водат здравствениот систем.

Тој наведе дека и тој би сакал да знае што адресираат германските експерти во врска со пожарот.

– Но, кога кажуваат во извештајот дека недвосмислено се гледа од што настанал пожарот, тоа е јасно од кои причини настанал пожарот, а на сите ни е јасно што значи просторија полна со кислород и мислам дека тоа и на јавност, а и на вас новинарите и на нас политичарите ни е јасно. Навистина кислородот е сериозната причина за брзината на распламтувањето на пожарот во којшто изгубивме 14 луѓе наши сограѓани, истакна вчера Заев.

Заев наведе дека модуларните болници се направени во вонредни услови, во ек на пандемија и оти тие не се замислени да бидат вгарадени со кислород.

– Тие се градени без системи за кислород или слично. Кога доаѓа третиот бран се вградени самите системи за кислород и верувам тоа е веќе познато на самата јавност, посочи Заев.

Тој нагласи дека сите се свесни колку е присуството на кислород во ваквите објект повеќе застапено од вообичаено.

– Откриена е причината за пожарот и таа е јасно и јавно објавена. Ја примив оваа информација и постапувам и веднаш дадов насоки до Министерството за здравство во најкус можен рок да се извршат темелни теренски контроли во сите модуларни болници. Сега е најважно да се засилат контролите и проверките за да се намали ризикот од вакви несреќи предизвикани од страни предмети во иднина, поради што за жал изгубивме 14 животи, рече Заев.

Тој потенцираше дека доколу има човечка грешка надлежни се органите коишто го истражуваат тоа, да го истражат, како во сите земји така и кај нас, Јавното обвинителство, судовите или слично.

– Доколку утврдат грешка човечка, поединечна, каква било грешка тие го адресираат тоа прашање. Овде се работи за политички момент, за морално поднесување на оставките на коишто секако јас реков дека основата и еден од најважните импути за влијанието врз мојата одлука дали да ги прифатам ваквите одлуки или не ќе биде изворот на вештачењето од што се случил пожарот и како настанал пожарот, нагласи вчера Заев, одговарајќи на новинарско прашање околу одлуката за неприфаќање на оставките на Филипче и Хасани.

Претседателот на Владата истакна дека на македонското здравство, на сите граѓани им е потребен систем кој соодветно ќе одговори и ќе ги заштити во време на пандемија. Затоа, како што рече, треба да гледаме и подалеку од денес и подалеку од утре.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби смета дека според извештајот на Обвинителството за причините за пожарот во модуларната болница во Тетово на 8 септември во кој загинаа 14 луѓе, очигледно е дека министерот и заменик-министерот за здравство немаат, како што рече вчера, никаква одговорност за трагичниот настан.

– Го прочитав извештајот и очигледно станува збор за несреќен, трагичен случај и очигледно е дека истрагата го потврди тоа во што се сомневавме дека се работи за трагичен настан во кој, за жал, загинаа многу наши сограѓани, изјави Груби.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски нагласи дека како човек никогаш нема да прифати дека за смртта на 14 луѓе во Тетово може да биде виновен кабел или нечиј полнач за телефон, без да има одговорност за нефункционирањето на системот за кој министерот и заменик министерот се директно одговорни за животите на пациентите во болницата.

– Заев треба да престане да се надева дека ќе веруваме во неговите глупости кои имаат јасна цел – да ја сокријат објективната вина, негова и на неговите министри. Кој дозволил таква инсталација во болницата и немање на противпожарни апарати, кој дозволил опасни боци на кислород во необезбедена болница, кој дозволил роднини на пациенти и други цивили во болницата, кој друг ако не министерот, заменикот министер и самата Влада е одговорна за животот на пациентите. Кажете и јавно на јавноста дека Заев и Ахмети здружено, како и за други тендери, се договориле никој да не одговора, потенцираше вчера Мицковски.

Претседателот на Алијансата за Албанците Зиадин Сел вчера го обвини Заев дека не ги третира подеднакво сите граѓани, туку ги штити само своите партиски функционери. Коментирајќи ја одлуката да не ги прифати оставките на министерот и заменик-министерот за здравство, Села рече дека Заев сака вината за трагедијата во Тетово да ја префрли на медицинскиот персонал и да го спаси својот министер.

Покрај тоа, првиот човек на АА, наведе пет причини за кои рече дека одговорноста треба да ја преземат Владата, Општина Тетово и дирекцијата на болницата.

– Па, за него Филипче е поважен од утехата што треба да ја имаат семејствата на 14-те жртви живи запалени, а тој излегува и ни кажува денеска дека ниту министерот за здравство, ниту заменик -министерот, ниту директорот, ниту градоначалничката на Општина Тетово, имаат каква било одговорност. И знаете каде ќе бара одговорноста овој валкан човек. Ќе се обидува да бара кај оние што со месо и душа се обидуваат да им помогнат на пациентите, на медицинскиот персонал во Тетово кои немаат никаква вина, рече Села.

Лидерот на АА нагласи дека има многу елементи за кои Обвинителството требало да постапува до денес.

– Прво, 11-годишен директор кој е вршител на должноста. Второ, градоначалничката која нема направено техничко прифаќање на болницата, и се уште не дале дозвола за објектот, додека според законот за секој објект на територијата на општината дава дозвола Општината. Трето, недостатоци на преградни ѕидови на објектите што би го спречиле ширењето на огнот. Четврто, недостаток на апарати за гаснење на пожарот и денес тие луѓе би биле спасени. Петто, присуството на роднини на пациентите во просториите на модуларниот центар, што дојде како резултат на недостаток на медицински персонал, потенцираше Села.

Тој рече дека тоа е директна одговорност на премиерот Зоран Заев, додавајќи дека „за палењето на 14-те граѓани во Тетово” ќе има одговорност и покрај, како што рече, обидот да се сокрие вистината.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот