Филипче: Опозицијата создава конфузија и сака да ја искриви сликата за изградбата на новиот Клинички центар

Венко Филипче фото МИА

Опозицијата со парцијални документи што ги презентира во јавноста сака да ја искриви сликата за изградбата на новиот Клинички центар, објави на својот фејсбук профил министерот за здравство Венко Филипче. Тој верува дека ќе има  капацитет и волја да се реши ова повеќедецениско прашање во интерес на тоа граѓаните да имаат квалитетна здравствена заштита.

-Опозицијата со парцијални документи што ги презентира во јавноста сака да ја искриви сликата за изградбата на новиот Клинички центар, создава конфузија и не ја отсликува реалната ситуација. Се што досега е кажано, се спроведувало и ќе се спроведува во иднина е врз основа на студии, документи, анализи итн. Искрено верувам дека опозицијата ќе собере сила и храброст набрзо да се придружи кон овој процес, можеме на многу конструктивен начин да разговараме.

-Апслолутно сите ние имаме одговорност пред граѓаните, посебно во еден сензитивен дел, посебно во време на пандемија, тоа е здравствениот систем заради тоа што утре, во следниот период или кога било, понатаму нема да има оправдување зошто нешто не било направено кога сме ги имале буквално сите механизми и инструменти во рацете. Треба да соработуваме конструктивно без разлика дали некоја партија е на власт или во опозиција. Пандемијата покажа кога е здравјето на граѓаните во прашање тоа е врвен приоритет, не постои алтернатива.

-Изградбата на нов, современ и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје на greenfield локација ќе гарантира високо квалитетни здравствени услуги на населението во целата држава.

-Владата на Република Северна Македонија преку Министерството за здравство склучи Меморандум за соработка од 18.01.2019 година со Австриското министерство за транспорт, иновации и технологија, со цел модернизација на капацитетите во здравствениот сектор како и континуирано, квалитативно подобрување на објектите кои обезбедуваат здравствени услуги.
-За координатор на активностите поврзани со Физибилити студијата, Австриското министерство за транспорт, иновации и технологија ја назначи владината агенција AHC Austrian Health Care Systems & Engineering GmbH на 21.01.2019 година.

-Концептот во согласност со Физибилити студијата за релокација на Универзитетските клиники на нова greenfield локација, е реализација на градбата во три последователни фази по системот “клуч на рака“ кој подразбира проектирање, изградба, опремување, трансфер планови и нивна реализација, обука на персонал и одржување на објектот и опремата за определен период за секоја фаза последователно.

-Согласно целокупната припрема на постапката се започна со спроведување на тендерската постапка како компетитивен дијалог, конкурентен дијалог којшто во првата фаза аплицираа 4 компании и во втората фаза се квалификуваа 2 компании. Во дијалогот со двете компании беше увидено дека тие имаат експертиза во работењето, поради што решивме да ги задржиме двете компании -BOUYGUES BATIMENT INTERNATIONAL France и VAMED Health Project GmbH Germany.
-Целта на законот којшто има предлог за реализација на нов Универзитетски Клинички Центар за изградба и ставање во употреба на комплекс на градби има за цел две работи: да дозволи една заедничка понуда на овие две врвни европски компании за изградба на клиничкиот центар и да дозволи да ангажираме независен финансиски советник – еминентна европска компанија за да направи финансиска проценка на понудата.

-Со групирање на сите постоечки клиники во една зграда со интегриран капацитет којшто ќе понуди функционална поврзаност може да се постигне континуитет на клиничките услуги и прегрупирање на клучните здравствени услуги, интеграција на наставата и истражувањето во рамки на greenfield локацијата, без нарушување на конфорот на посетителите.

-Верувам дека опозицијата ќе собере и сила и храброст да се придружи кон овој процес, дека можеме на многу конструктивен начин да разговараме. Верувам дека ќе покажаме сите дека имаме капацитет и волја да се реши ова повеќедецениско прашање во интерес на тоа граѓаните да имаат квалитетна здравствена заштита, напиша министерот во својата објава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот