Филипче: Обезбедивме над 2 милиони дози вакцини за нашите граѓани

Министерот за здравство, Венко Филипче, во вечерашната Топ Тема, повторно ги отфрли обвинувањата на опозицијата за незаконско и сомнително набавување на кинеските вакцини против корона вирусот.

Од почетокот внимаваме се да е законски и регуларно во набавката на вакцините против Ковид-19, рече Филипче повторувајќи дека целиот процес бил запрен по инструкциите од кинеското министерство за надворешни работи, дека патот до вакцините на Синофарм не може да оди преку посредници.

“Какви провизии, кога се вратила уплатата, тоа е доказ дека обвинувањата не се точни” – изјави Филипче.

Не стравуваме од ништо, рече министерот за здравство, ние сме апсолутно отворени и за соработка со државната комисија за спречување на корупцијата. Нема ништо сомнително во нашата работа, само искрени обиди да стигнеме до други вакцини, вели Филипче.

Тој потврди дека во нашата земја треба да пристигнат околу 800 илјади дози преку системот Ковакс, истата количина од 800 000 треба да пристигне од Фајзер, од Кина се очекуваат 200 000 дози од вакцината на Синофарм, има најави за 200 000 вакцини од фондот на солидарност на ЕУ – односно вкупно над 2 милиони дози за нашите граѓани.

Филипче истакна и дека покрај вакцините, државата морала да развие систем за постепена апликација на вакцините.

Коментирајќи ја изјавата на претседателот Пендаровски дека во разговорите со Фајзер било кажано дека тие не се интересираат за обезбедување вакцини на држави со помалку од 2 милиони жители, министерот Филипче кажа дека претпоставува дека Пендаровски направил веројатно лапсус, затоа што таков коментар нашите претставници добиле од компанијата Модерна.

Со Фајзер разговорите течат и ги очекуваме деталите за доставувањето на вакцините.

Филипче оцени и дека земјите во кои побргу се одвива имунизацијата, учествувале и во клиничките студии на одредени вакцини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот