Филипче: Нема невработен или неангажиран лекар во нашата држава

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека болниците во целата земја се соочуваат со недостаток на медицински кадар и оти тоа не е случај само кај нас, туку и во земјите од регионот. Имајќи ја предвид ситуацијата со ковид-19, тој додаде дека во овој момент нема невработен или неангажиран лекар во нашата држава.

– Проблемот со кадар е присутен на територијата на целата држава и секоја една болница вклучително и клиниките во Скопје се соочува со истиот проблем. И на самите инфективни одделенија од почеток на кризата не можеа инфектолозите сами да се справат со огромниот наплив на пациенти. И затоа во помош дојдоа лекарите од други струки, од други специјалности пред се интернисти. Сега се и тие ангажирани во рамките на нивните одделенија. Се испразнија Интерните одделенија на клиниките во Скопје и сега интернистите заедно со пулмолозите и антестезиолозите работат и ги лекуваат овие пациенти, изјави Филипче кој беше во придружба на премиерот Заев при посетата на струмичката болница.

Ова, како што кажа, е проблем со кој се соочува апсолутно секоја земја во регионот. Ја посочи Бугарија како пример каде здравствените работници се мобилизирани и сите помагаат таму каде што се лекуваат пациенти со ковид-19.

– Во овој момент нема невработен или неангажиран лекар во нашата држава. Сите млади лиценцирани лекари уште пред неколку месеци се вклучија преку платениот стаж. Тоа беше една политика на здружување на младите лекари во земјата која што ја пропагиравме година дена и практично веќе се вклучени и помагаат, секој во одредена област. Студентите од шеста година, исто така, во делот на епидемиологијата, сите здравствени работници се максимално ангажирани и помагаат според распоредот, според системот на тимови којшто го направивме во изминатиот период секаде кај што се лекуваат пациентите од ковид-19, појасни Филипче.

Министерот за здравство истакна дека по состанокот со приватните лекари десетина се пријавиле да помагаат во справувањето со ковид-19, така што сè уште нема потреба да се ангажираат пензионирани лекари.

– Некои земји тоа го прават. Некои земји ги враќаат на работа дури и лекарите и сестрите коишто се дијагностицирани позитивни и се асимптоматски или се во изолација заради контакт, меѓутоа ние засега со овој кадар на располагање успеваме да направиме систем на ротација, рече Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот