Филипче: Ќе се ограничи сумата која приватните болници ќе ја наплатуваат на ковид пациентите

Венко Филипче / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Министерот за здравство Венко Филипче денеска информираше дека ќе се ограничи сумата која приватните болници ќе ја наплатуваат на ковид пациентите, и тоа се додека трае ковид пандемијата.

-Главниот координативен кризен штаб утре до Владата ќе поднесе измени на Законот за здравствена заштита со кои на приватните болници ќе им се ограничи висината на цените за лекување на пациенти со ковид во време на кризна, односно вонредна состојба. Ваквата одлука е донесена по апелите од граѓаните во однос на цените што се наплатуваат во приватните болници, а се движат по неколку илјади евра, рече Филипче.

Минатата недела само приватната болница „Жан Митрев“ соопшти дека одлучила да ги намали цените за лекување ковид-пациенти за 10 отсто по средбата со министерот Филипче и реакциите во јавноста.  Од „Систина“, како што информираше министерот, веднаш кажале дека нема да ги намалат цените затоа што им е економски неисплатливо.

Досега се вакцинирани 25.000 граѓани, а при вакцинацијата се уште предност имаат постарите и ризичните групи граѓани. Денеска се вакцинираат новинарите, бидејќи се на првата борбена линија уште од почетокот на пандемијата, рече Министерот за здравство Венко Филипче при посетата на СЦ Борис Трајковски каде се одвива вакцинацијата на новинарите.

Сепак тој не даде конкретен датум кога би можеле да се вакцинираат хронично болните и лицата кои работат во услужните дејности како продавачките во маркетите и таксистите.

-Хронично болните претставуваат голема група на граѓани. И за нив се уште важи тоа дека ќе се вакцинираат според возрасната граница, односно според староста, бидејќи ако не го почитуваме овој критериум ќе настане хаос. Што се однесува на вработените во услужните дејности, ги охрабрувам да се пријават преку своите матични лекари или да се пријават преку интернет страната за вакцинација и ги уверувам дека ќе бидат повикани во некој од вакциналните пунктови, нагласи Филипче.

Исто така од Абу Даби очекуваме да пристигнат 2000 кинески вакцини.

-Пратката е пристигната на аеродромот во Софија и оти веќе е организиран транспортот кон нашата земја. Станува збор за пратка од Кина иницирана од почетокот на февруари од странана нашиот амбасадор во Обединетите Емирати, информира Филипче.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот