Филипче: Ќе набавиме тестови за ковид-19 кои даваат резултати за 15-ина минути

Министерот за здравство, Венко Филипче вечерва најави дека со помош на Светска банка ќе се набават најсовремени тестови за ковид-19 кои даваат резултати за 15-ина минути.

– Со помош на Светска банка ќе набавиме најсовремени тестови кои се ултра брзи и кои ќе бидат дистрибуирани во болниците, во критичните места во здравствените домови, како и кај матичните лекари, според потребата и индикацијата. Станува збор за тестови кои се готови и даваат резултати за 15-ина минути, наспроти сега најбрзите 45 до 50 минути или процес од неколку часа. Се повеќе напреднува технологијата во оваа сфера и тоа е нешто што значајно ќе ја смени сликата и достапноста до тестовите, рече Филипче во гостувањето во дневникот на ТВ Сител.

Министерот информира дека направиле анализа на смртноста и најави дека за кратко време ќе биде завршена во Клиниката за инфективни болести, а веројатно во текот на наредната недела и во ГОБ „8 Септември”. Првичниот увид, според него, укажува дека има сериозен процент на смртни случаи кои се случуваат во првите неколку дена по приемот.

– Огромен процент од пациентите доцна се јавуваат во болница. И покрај нашите апели и покрај укажувањето на матичните лекари ,сепак, голем процент одлучува да се лекува дома.Тоа го констатираме по парамтерите на сатурација со кислород по приемот во болница, капацитетот на дишење е толку лош и што и да се направи, за жал на тој дел од пациентите не може да им се помогне, посочи Филипче.

Во однос на третманот на пациентите, Филипче рече дека тој е идентичен како и во сите развиени европски земји уште од самиот почеток.

– Како излегуваа препораките, ние ги имплементиравме преку Комисијата, ги анализиравме со стручните лица, со експертите, со специјалистите на Клиниката за инфективни болести, во болницата „8 Септември”, дистрибуцијата, протоколите во сите други одделенија. Нема лек кој недостасува. Меѓутоа сè повеќе има нови и нови сознанија. На пример, последно сознание е дека витаминот Д најмногу помага не само во превенцијата туку и во третманот на болеста. Одлични резултати имаат тие пациенти кои се лекуваат со висока доза на витамин Д. Сè уште имаме работа за која не знаеме се. Нови сознанија излегуваат практично секојдневно, додаде Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот