Филипче: Интересот е голем, па на мапа ќе бидат означени населбите од каде што се пациентите со коронавирус

Верувам дека добро ќе се изработат тие технички податоци овие денови веројатно до викендот, посочи Филипче.

Министерот за здравство Венко Филипче, на денешната прес конференција одговарајќи на прашањето на Слободен печат, од кои населби во Скопје се пациентите дијагностицирани со коронавирус, рече дека интересот за ова прашање е голем, па затоа викендов на мапа детално ќе бидат означени местата.

-Се спрема мапата да се означи добро на сајтот на Институтот за јавно здравје со оглед на тоа што стигнаа навистина бројни прашања за населбите и општините во Скопје. Верувам дека добро ќе се изработат тие технички податоци овие денови веројатно до викендот, посочи Филипче.

Од вчера за некои пациенти со ковид 19, има терапија која се состои од антибиотик и лек за маларија, но таа може да се прима само за некои пациенти и само во болнички услови. Запрашан како пациентите кои се на домашно лекување ќе ја добијат оваа терапија, министерот нагласи дека терапијата не е нималку безазлена, и дека сите не можат да ја примаат, но и дека за оние кои можат, се обезбедува транспорт до Клиниката за инфективни болести во Скопје.

-Тоа не е безазлена терапија која може туку така да се зема, без строга стручна индикација, зашто постои една популација на пациенти, што ако имаат една форма на срцева слабост, за нив оваа терапија е контраиндицирана. Тоа се детектира на електрокардиограмот. Затоа мора да се направи детално кардиолошко испитување. Вчера и денеска се направи ЕКГ кај сите пациенти и кај добар дел терапијата е аплицирана. За другите кои се на домашно лекување, спремаме транспорт до клиниката за инфективни болести согласно нивниот кардиолошки статус. Апелирам луѓето да не земаат никаква терапија, никој да не зема терапија на своја рака, одговори министерот.

Филипче додаде дека здравствените власти разгледуваат многу студии и публикации за коронавирусот и согласно тоа го адаптираат својот пристап и во земјава, вклучително и студијата од Велика Британија која покажува дека голем дел од случаите се асимптоматски. За оваа студија детално информираме во утрешното печатено издание на Слободен печат. Но, како што појасни министерот, единственото заедничко нешто за сите овие студии е дека треба да се избегнуваат социјалните контакти. Во сите земји единствено е јасно, дека само ограничување на движењето дава резултати и во таа смисла е воведена вонредната состојба и сите ограничувања на движењата за младите и повозрасните, како и оние за време на викендот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот