Филипче: Ги следиме забелешките за вакцината на „АстраЗенека”

Здравствените власти будно ги следат забелешките на другите земји за вакцината на „АстраЗенека”, која државава треба да ја добие преку Ковакс механизмот, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче.

– Внимателно ги следиме забелешките од другите земји. Будно следиме, препораките од самите производители и одлуките во одредени земји. Врз основа на тоа ги градиме нашите препораки, нагласи Филипче при гостување во емисијата Топ Тема на Телма.

Тој додаде дека лично нема проблем да се вакцинира со која било вакцина, бидејќи како што нагласи сите се безбедни.

– Немам проблем да се вакцинирам со која било вакцина. Сите вакцини се безбедни. Лично немам проблем да се вакцинирам и со вакцината на „АстраЗенека”, изјави Филипче.

Тој во гостувањето се осврна и обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за набавка на кинеските вакцини преку наводни офшор посредници. Филипче посочи дека откако не успеале во иницијалните обиди да стапат во контакт со прозводителот на вакцините во Кина, од кинеските компании кои работат во земјава добиле препорака како да стигнат до производителите.

– И стигнавме до нив, разговаравме и за количините и за времето на транспорт. По известувањето на тамошното Министерство ни беше укажано дека тоа не е патот по кој треба да се оди и ние тоа го испочитувавме. Какви провизии, кога ние сме направиле уплата и таа е вратена, изјави Филипче.

Тој нагласи дека обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ се во континуиетет и дека раководните луѓе од партијата сакаат да ги пресликаат работите што ги правеле кога беа на власта.

– Таков начин како што имаше во времето на ВМРО-ДПМНЕ, сега нема. На опозицијата и пречи тоа што ние навистина работиме и добро сработуваме, додаде Филипче.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот