Филипче: Доколку се почитуваа мерките немаше да има ваков скок на новозаразени

Венко Филипче / Скопје, 29 јуни 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, во вечерашното гостување во Дневникот на телевизија Сител истакна дека сите земји во Европа, па и ние го очекувавме овој бран, и ние соодветно на тоа ги подготвивме капацитетите. Во контекст на високите бројки на новозаразени Филипче истакна дека доколку се почитуваа мерките за заштита немаше да дојде до вакво зголемување на бројот на позитивни со ковид-19.

„Ова се случува насекаде во земјите во регионот, насекаде во Европа. Значајно се зголемува бројот на новодијагностицирани случаи. Во таа смисла, и овие мерки кои сега чекаат законски измени, а веќе следната недела законот е во собрание, се дел од нашиот план за заострување и рестрикции за да некако го ублажиме овој скок на новозаразени лица. Ние живееме со вирусот, така и цела Европа. Доколку се почитуваа мерките немаше да има ваков скок на новозаразени. Свесни сме дека ако тие мерки не се почитуваат, треба дополнителни рестрикции”, рече министерот Филипче.

Нови 535 случаи на коронавирус, шест лица починаа, 168 се излекувани

Тој информираше дека на утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести ќе се дискутира за тоа дали се потребни дополнителни рестрикции од тие коишто се сега на сила.

„Тоа би вклучувало рестрикција на јавниот превоз, ограничување на работа на угостителски објекти, одредени економски субјекти, компании итн, секаде каде што сметаме дека има ризик. Дел од мерките може да се таргетирани во некои општини, некои може да важат на територијата на целата држава. Сето тоа ќе го дискутираме на утрешниот состанок”, потенцираше Филипче.

На прашањето дали може да се предложи и да стапи на сила мерка со полициски час, министерот Филипче посочи дека во овој момент е се уште рано, но во даден момент може да биде предложена.

„Еден од најдобрите параметри коишто ги следиме е капацитетот во болниците. Иако има слободни места, капацитетот се исполнува. Само претходниот ден имаше голем број на приеми. Во функција е модуларната болница со дополнителните тимови. Болницата во Козле исто така е спремна. Но, гледаме дека се исполнуваат капацитетите и согласно тоа можно е да предложиме и дополнителни рестрикции”, изјави Филипче.

Тој информираше дека денешниот состанок со директорите на установите бил за да се направи системот на ротација на лекарите специјалисти кои ќе работат во модуларното одделение од повеќе интернистички одделенија, како и список за ротација на медицинските сестри, кои исто така таму ќе работат.

Денеска, министерот Филипче остави средба и со студентите од шеста година на Медицинскиот факултет да се вклучат во помош на Центрите за јавно здравје за правење на епидемиолошките анкети

„Причината зошто овие денови доцнат статистичките податоци е заради тоа што навистина епидемиолозите не можат да постигнат, со оглед на големиот број на анкетни листови коишто се пополнуваат. И затоа студентите во рамките на својот стаж ќе се приклучат и ќе помагаат во овој дел”, рече Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот