Филипче: Агресијата кон докторите да се замени со жалби и поплаки до Министерството за здравство

Јуни 2020, Скопје / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Незадоволство од односот на докторите, граѓаните не ретко го споделуваат и на социјалните мрежи, каде што во форма на поддршка, со сопствени искуства се јавуваат граѓани од секоја воздраст и од разни делови на земјава.

Незадоволството од здравствениот систем и долгите административни процедури, пациентите се почесто го покажуваат со зголемена агресија и зачестени физички напади врз здравствените работници.

Последен таков случај беше кога изминатиов викенд пациент нападна доктор од Клиниката за токсикологија. Но ова не е изолиран инцидент, неодамна персоналот на болницата 8 септември беше нападнат од страна на роднини на починат пациент, а вчера вербално беше нападната докторка од струмичката болница, по смртта на 9 месечно бебе.

Незадоволство од односот на докторите, граѓаните не ретко го споделуваат и на социјалните мрежи, каде што во форма на поддршка, со сопствени искуства се јавуваат граѓани од секоја воздраст и од разни делови на земјава.

Директорката на Акушерската клиника за гинекологија, Викторија Јовановска, каде што пред неколку дена починаа родилка и бебе, вели дека докторите даваат се од себе за да ги спасат критичните родилки и нивните бебиња.

– Ова е прв случај да изгубиме родилка на ГАК, откако сум јас директорка. Нашата работа е навистина тешка, но не се жалиме од обемот и комплексноста на работата. Тешко ни паѓа што постојано сме под притисок на јавноста, а и секојдневно работиме под закани. Сме спасиле многу родилки кои биле во критична состојба, сме спасиле многу бебиња, сме се бореле за животот и на тие кои не сме можеле да ги спасиме, вели Јовановска, и додава дека сочувствуваат со болката на семејството, но ја отфрла веројатноста да се работи за докторска грешка.

Министерот за здравство, Венко Филипче, до кого често се упатуваат и апели за навремена реакција, со цел спречување на инцидентите, за Слободен печат рече дека незадоволството од работата на лекарите, секој пациент може да ја пријави во Министерството за здравство.

-Го осудувам насислството, тоа не е начин да се искаже револт или било каква нетрпеливот. Тое е недозволиво. Ние секогаш сме отворени да примиме поплаки, како јас така и Министерството за здравство, од секој кој е незадоволен од системот. Луѓето кои работат во кабинетот и секторите во Министерството се во секојдневна комуникација со директорите на секундарните здравствени установи, така што тоа се институциите каде што можат незадоволните пациенти да се обратат. Не е дозволено во ниту една ситуација да се крене рака на лекарите кои по 24 часа даваат се од себе за да им помогнат на пациентите, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Дали пациентите ја користат можноста да реагираат за однесувањето и работата на докторите, прашавме во Министерството за здравство.

-Министерството за здравство уредно постапува по сите добиени преписи од пациенти.
Во зависност од содржината, Министерството за здравство или истата ја доставува до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) за вршење на инспекциски надзор, до Лекарската Комора за вршење на стручен надзор или самостојно формира Комисија и постапува по поплаката.
Понатамошното постапување зависи од наодите, кое што може да биде затворање на предметот, известување на директорот за да ги разгледа наодите и евентуално да иницира дисциплинска постапка, а во одредени случаи и се информира Основното Јавно Обвинителство за да оцени дали има потреба од нивна надлежност, велат од Министерството за здравство.

Од друга страна пак, граѓаните имаат се помала доверба во институциите, и намалување на агресијата кон медицинскиот персонал велат, е можна само ако се подобри односот на докторите и останатиот медицински персонал, кон пациентите.

Претседателката на Лекарската комора на Македонија, Калина Гривчева, во разговор за Слободен печат информира дека за да се казни лекар потребно е да се пријави докторот, од страна на семејството на пациентот, самиот пациент, Министерството за здравство или судот, со доставување на документ кој комисијата треба да го разгледа.

-Комисијата за стручен надзор формира друга комисија, која треба да биде анонимна, за да се избегне работа под притисок или закани. Извештајот го потпишувам јас или претседателот на комисијата за стручен надзор, и потоа потпишаниот извештај се враќа до тој кој го доставил.

Предвид се земаат сите пишани документи, изјави на пациенти и на докторите кои биле на должност, рендген снимки, болнички записи или извештаи, сѐ што е може да помогне во стручното проценување дали е направена стручна грешка од здравствениот работник.

Ако со извештајот се утврди дека нема прекршок, се отфрла пријавата, ако има грешка, но не е загрозен човечки живот, лекарот добива опомена, ако загрозил живот, добива јавна опомена, а најстрога казна е трајно одземање на лиценца, за што треба цврсти докази дека е направена фатална лекарска грешка, објаснува Гривчева.

На прашање дали до Лекарската комора пристигнуваат поплаки од односот на доктори кон пациенти, од Комората велат:

-Во делот на меѓучовечките односи, некоректноста, нетолерантноста, дрскоста…,Комисијата за медицинска етика и деонтологија е надлежна да даде став дали некој колега се однесувал недолочно, некоректно кон пациент или друг колега, односно спротивно од Кодексот на медицинската етика и деонтологија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот