Филип Рикер неделава во Атина и Скопје

Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер, неделава ќе ги посети Грција и Северна Македонија, каде што ќе има средби со претставници на власта, на граѓанското општество и на бизнис заедницата, соопшти Стејт департментот.

Во Атина, Рикер ќе се состане со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и со други владини претставници. Ќе се разговара за клучните прашања во билатералните односи како што се трговската, инвестициската, безбедносната и одбранбената соработка, регионалната стабилност и енергетиката. Тој ќе учествува и на тркалезна маса со претприемачи и бизнис лидери. Рикер ќе го посети и Солун, каде што ќе се сретне со локалните власти, со верски и со бизнис лидери, информираат од Стејт департментот.

Во Скопје, пак, Филип Рикер ќе се има средби со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и други владини претставници. Централни теми ќе бидат билатералните прашања и патот на Северна Македонија кон членство во НАТО и ЕУ. Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, ќе разговара и со пратеници и со претставници на опозицијата, се вели во соопштението на Стејт департментот.

Филип Рикер кој е поранешниот амбасадор на САД во земјава, последен пат го посети Скопје во март годинава во својство на цивилен заменик и политички советник на командантот на Европската команда на Воените сили на САД, должност што ја извршуваше пред назначувањето за американски помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања.

Рикер неодамна во изјава за МИА во Вашингтон оцени дека Северна Македонија во изминатиот период сработи одлично, и не треба да се дозволи земјата да подлегне на некаква дестабилизиција со непотребни политички игри. Администрацијата во Вашингтон е убедена дека Северна Македонија е на вистинскиот пат и оти процесот треба да се истурка до крај со цел земјата да стане 30. членка на НАТО и да ги почне преговорите за полноправно членство во ЕУ, истакна Рикер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот