Филхармонија: Новогодишен спој на традицијата, класиката и џезот

Со наслов „Нова Година – нов почеток!“ последниот концерт на Филхармонија за 2020 година ќе се одржи на 24 декември, во 20 часот. Станува збор за несекојдневен концерт кој во една вечер ќе ги спои традицијата, класиката и џезот. Концертот се реализира во соработка со ЗЏМ, а диригент е Џијан Емин. Како солисти ќе настапат Џон Илија Апелгрен, Сара Мејс, Дејан Бобиќ, Полина Тасева и Калина Велковска.

Сезоната 2020-2021 на Филхармонија, симболично насловена „Звук на два метри“, беше отворена на 3 септември, а до крајот на месецов беа реализирани 16 концерти во редовна програма и во Камерната сала. Филхармонија беше прва институција од областа на културата која изработи специјални протоколи за реализација на концерти во посебни услови, кои ги налага пандемијата на ковид-19.

– Филхармонија ја завршува оваа неубава година за сите, со прекрасен Новогодишен концерт кој го насловивме „Нова година – Нов почеток“, со надеж дека навистина ќе отпочнеме едно ново и поубаво поглавје во нашите животи. Традиционалниот концерт за новогодишните празници и овојпат ќе донесе позитивна нота и оптимизам за да почнеме повторно да дишеме со полни гради. Животот не би имал смисла без музика, затоа и Филхармонија не престана да работи од самиот старт на новата сезона. Одржавме голем број концерти, симфониски, камерни, рецитали, сите организирани под најстроги критериуми, но сите до еден, со одличен фидбек од страна на музичката јавност – вели Тина Иванова, в.д. директорка на Филхармонија.

Се гордееме со сето она што досега го сработивме, особено во вакви тешки времиња, и се надеваме дека ќе продолжиме со истиот ентузијазам и енергија, затоа што нашата визија е музиката да го покрие сивилото на секојдневието и да им даде храна на нашите души, вели Иванова.

– Во наредната година ќе имаме уште многу настани со врвни диригенти и солисти и навистина импресивна програма. Сите концерти можат да се проследат и онлајн, што е позитивна пракса во вакво време, а на која нашата публика веќе се навикна. Здравјето е најбитно, а тоа се чува и со консумирање на квалитетна музика – вели Иванова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот