Филхармонија: Музиката го враќа достоинството на човештвото

Македонската филхармонија е, можеби, една од ретките културни институции во земјава, но и пошироко, којашто, со оглед на пандемијата на ковид-19, минатата година ја реализираше концертната програма во целост. Уникатни музички настани со врвни солисти и диригенти, симфониски и камерни концерти, кои се одвиваа во големата и малата сала, со импресивна и атрактивна програма која претставуваше микс од т.н. класичен, железен репертоар и современи композиции се одржаа во Филхармонија во текот на 2020 година. Сите настани се одржаа под строги мерки за заштита, со сите протоколи донесени од Владата на РСМ за одржување настани во културни објекти.

– Поради ситуацијата со коронавирусот, го поделивме оркестарот на два ансамбли, а програмата ја адаптиравме за помали симфониски состави, со цел да се заштитат сите вработени во објектот. Среќна сум што од една страна, на љубителите на музиката и на артистите не им недостигаше сцената, живиот контакт со уметноста, а од друга, што успеавме во ова сурово и депресивно време да се справиме со „непријателот“ и да го сочуваме нашето достоинство, да одиме напред со здрав разум секако, не по секоја цена, да им дадеме на луѓето надеж за подобра иднина. Музиката е совршена форма на делување против неубавото. Сите концерти одеа и онлајн, така што и оние што одлучија да не дојдат во сала, можеа да сонуваат и фантазираат гледајќи ги и слушајќи ги нашите уметнички проекти и да се тргнат барем за миг од сивилото што како колектив нѐ обои во тмурни бои – истакнува в.д. директорката на Филхармонија, Тина Иванова.

Тина Иванова, в.д. директорка на Филхармонија / Фотографија: Маја Аргакијева

Во Филхармонија се горди и на назначувањето на маестро Габриел Бебешелеа за шеф-диригент на оркестарот, со тригодишен договор за работа, што е од огромно значење за квалитативниот развој на институцијата. Исто така, маестро Конрад ван Алфен од Холандија стана почесен гостин-диригент. И двајцата дадоа голем придонес во тоа сите концерти да се одржат со програма адаптирана за ваква ситуација.

Концертната сезона почна со концертот симболично насловен „Звук на два метри“ (така е насловена целата програма за оваа сезона), на кој како диригент настапи шеф-диригентот на Филхармонија, маестро Габриел Бебешелеа од Романија. Солисти беа извонредните вокали од Германија, Корби Велч (тенор) и Хајке Веселс (сопран), а на програмата беше изведено маестралното дело „Песни за земјата“ од Густав Малер. Меѓу многубројните концерти ќе ги спомнеме „Младост, среќа, иднина“ со маестро Јерухам Шаровски од Израел и врвната виолончелистка Даниеле Акта, традиционалниот концерт на фестивалот „Денови на македонска музика“ во соработка со Сојузот на композиторите на Македонија, под диригентство на маестро Сашо Татарчевски, фантастичниот концерт „Шпански танц“ со маестро Емил Табаков од Бугарија.

Маестро Габриел Бебешелеа и виолончелистката Анастасија Кобекина / Фотографија: Маја Аргакијева

Македонскиот врвен пијанист Дино Имери, заедно со маестро Јерухам Шаровски како диригент, настапи на концертот „И тело и душа“, додека роденденот на Филхармонија беше прославен со концертот „Колаж“, на кој настапи врвната виолончелистка Анастасија Кобекина од Русија под диригентската палка на шеф-диригентот Габриел Бебешелеа.

Годината беше заокружена со традиционалниот Новогодишен концерт со наслов „Нова година – Нов почеток“ со маестро Џијан Емин како диригент, а во соработка со Здружението на џез-музичари на Македонија. Филхармонија продолжува да ја негува квалитетната музика, а следниот концерт е на 28 јануари со диригентот Борјан Цанев и со Ања Коловска на хармоника. На програмата се Концертот за хармоника и оркестар „Аконкагва“ од Астор Пјацола, „Песна и танец“ од Томе Манчев и „Орава“ за гудачки оркестар од Војцек Килар.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 64, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 16-17 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот