Филхармонија: Габриел Бебешелеа ќе диригира на концертот „Фанфари за еден пријател“

Концертот „Фанфари за еден пријател“, што ќе се одржи на 4 февруари (четврток), Филхармонија му го посветува на маестро Саша Николовски-Ѓумар (1966-2017), еден од најзначајните диригенти на нашата музичка сцена со кого оркестарот реализираше низа незаборавни концерти. Диригент е Габриел Бебешелеа, а на програмата се дела Копланд, Дика, Гуно, Шмит, Штраус и младиот македонски композитор Ангел Спироски.

„Фанфари за обичниот човек“ е едно од најзначајните концертни „увертири“ на американскиот композитор Арон Копланд (1900-1990). Делото го напишал по повод завршетокот на Втората светска војна, а се водел од идејата да создаде дело во кое фанфарите ќе имаат традиционален и моќен звук, а во исто време и современ музички контекст. Композицијата „Фанфари за Ла Пери“ на францускиот композитор Пол Дика (1865-1935) ја следи мистериозна генеза – како што напишал Пјер Лало, таа може да биде музика за пантомима, за балет… Дика примарно ја напишал за руската танчарка Наташа Труханова, „архангелот“ како што ја нарекувал. Композицијата има фантастична тематска структура и веднаш по премиерата била позитивно оценета од француската критика.

„Фанфари за измачените“ од младиот македонски композитор Ангел Спироски „Фанфари за измачените“ („Fun Fare for the struggled“) претставува траорен повик за спротивставување на нелогичностите. Тоа се фанфари базирани на една македонска народна песна чија содржина, земајќи ја предвид повторливоста на настаните поврзани со македонскиот народ, се чини секогаш и одново се актуализира. „Фанфари за измачените“ е дело нарачано од шеф-диригентот на Македонската филхармонија – Габриел Бебешелеа, а посветено на Филхармонијата.

„Мала симфонија“ на францускиот композитор Шарл Гуно (1818-1893) е напишана за девет дувачки инструменти и таа струкутрно ја следи класичната четириставна матрица. Таа има весел и галантен карактер и е напишана во типичниот авторски стил на Гуно, кој се темели на класицизмот. „Кампот на Помпеја“ на францускиот композитор Флорент Шмит (1870-1958) е составен дел од музиката за балетот „Антониј и Клеопатра“, според истоимената драма на Вилијам Шекспир.

„Свечена поворка“ е едно од „најтоналните“ дела на германскиот композитор Рихард Штраус (1864-1949) создадено за прогласувањето витези од редот на Св. Џон. Во ова дело има блескави хармонски прогресии и прилично комплексна оркестрација во лимените дувачи и во него се чувствува влијанието и инспирацијата од Рихард Вагнер. Штраус го напишал „Фанфари за Виенската филхармонија“ во 1924 година за хуманитарниот бал со кој требало да се соберат пари за пензискиот фонд на оркестарот. Делото е напишано за голем лимен дувачки оркестар и два сета од тимпани. Почнува едноставно и се развива во комплексен стил препознатлив за опусот на овој композитор. Откога е создадено, ова дело останало составен дел од репертоарот на Виенската филхармонија.

На концертот „Фанфари за еден пријател“ ќе се промовира серијата „Пред концертни разговори“ како нова практика на Филхармонија. Идејата потекнува од новиот шеф -диригент, маестро Габриел Бебешелеа, чија цел е преку овие разговори пред почетокот на концертите да ја запознае публиката со делата кои ќе одат на програмата, како и со естетскиот и филозофскиот контекст на самите композиции. „Пред концертни разговори“ ќе се реализираат во рамки на концертите со оркестарот на Филхармонија кои ќе ги води маестро Гарбриел Бебешелеа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот