Фидан до Муцунски: Очекувам помоќен придонес во борбата против ФЕТО

Тимчо Муцунски со Хакан Фидан - Турски министер за надворешни работи / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Во очекувана пријателска атмосфера помина средбата меѓу двајцата шефови на дипломатииите на Турција и на Македонија, Хакан Фидан и Тимчо Муцински во Скопје. Гостинот од Турција ѝ посака успешна работа на новата македонска Влада и продлабочување на соработката и унапредувањето на односите на двете земји на политичко, економско, воено и на културно поле.

– Како Турција, изразуваме дека имаме интерес да потпишеме договор за формирање на виш стратешки совет за соработка. Турција има цел да се зголеми билатералниот трговски обем и ги поттикнуваме турските компании да помогнат во растот на земјава со свои инвестиции. Продолжуваме и со воената соработка, преку учество на заеднички вежби – изјави Фидан по средбата со Муцунски.

Тој нагласи дека за него Северна Македонија има посебно место и верува дека отоманското наследство е значаен дел од културното наследство на земјава, а отоманските споменици кои се реставрирани со турска помош придонесуваат за развој на туристичкиот потенцијал на земјата, па најави и соработка и на културно поле во таа област.

– Турската заедница во земјава силно нè поврзува. Во минатото многу наши браќа од турската и од другите заедници сега се наши државјани и живеат во Турција. Овие односи се моќни и ги поврзуваат нашите земји слично како Камениот мост на Скопје. Посакуваме да се развиваат односите помеѓу сите заедници и да се зачува оваа хармонија на Северна Македонија. Воедно бараме правата на турската заедница кои се засновани на закони да бидат негувани од страна на надлежните власти, а барањата за настава на мајчин јазик и инфраструктурните проекти ќе ги реализира новата влада. Очекуваме новата влада да има чувствителен пристап во однос на антитероризмот и борбата со ФЕТО, бидејќи ФЕТО не е само закана за Турција туку и во другите земји каде што е присутна. Очекуваме Северна Македонија да даде помоќен придонес во борбата против ФЕТО – рече Фидан.

Домаќинот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, за Турција нагласи дека е докажан пријател кој неодамна кога избувнаа шумските пожари прв покажа солидарност. Посетата на министерот Фидан е прва посета на странски министер за надворешни работи од неговото стапување на функцијата, а тоа, како што нагласи, е силна потврда за сè посилното стратешко партнерство.

– Традиционално добрите односи позитивно влијаат на економската соработка. Со Турција споделуваме заеднички ставови и за безбедносни и регионални прашања. Посебно го запознав со нашиот евроинтеграцискиот пат, со посебен акцент на тоа дека дека предвидливоста е многу важна – изјави Муцунски.

Од својата независност, посочи Муцунски, нашата држава можеше да се потпре на Турција како наш пријател и поддржувач за остварување на нашите стратешки цели и нагласи дека очекува во наредниот период да има редовни средби на високо ниво меѓу двете држави.

Двајцата министри разговарале и за состојбите во Украина и на Блискиот Исток, при што министерот Фидан ја нагласи потребата од итна интервенција на меѓународната заедница за мир на Блискиот исток, но и за смена на „виновникот“ израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

– Вандализимот во Газа продолжува и се шири кон Западниот Брег и главен виновник е Нетанјаху кој има деструктивен пристап и поставува нови услови за примирје. Задолжително да се запре Нетанјхаху, зошто ако останеме тивки на геноцидот, ќе излезе дека го поддржуваме – нагласи Фидан кој се заложи за мирно решавање на отворените прашања на Балканот, посебно косовското и случувањата во Босна каде исто така е засегнато тамошното турско малцинство.

Министерот Хакан денеска е на средби со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и претседателот на Собранието, Африм Гаши, како и со турски пратеници во македонското собрание, со лидерите на албански политички партии и со претставници на турската заедница во Северна Македонија.

Турскиот министер за надворешни работи денеска во официјална посета на Македонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот