Фетаи: Наместо да истражуваме, станавме магационери

Фото: Слободен печат

Наместо да работиме на истрагите кои претходно ги отворивме во СЈО ние станавме архивари и магационери, бидејќи овие предмети сега се чуваат во кутии во зградата на специјалното јавно обвинителство. Ова денеска го истакна обвинителката Фатиме Фетаи пред влезот на Кривичниот суд каде што треба да постапува на судењето за „Монструм“.

Обвинителката Фетаи рече дека со брзина на светлината институциите работеле да ги испитаат наводите во врска со земените бонуси на специјалните јавни обвинители и укажа на тоа дека се би било поинаку ако со истата таа брзина институциите би постапувале во текот на сите постапки. Фетаи нагласи дека специјалните јавни обвинители работеле месечно за плата од 1.200 евра која е соодветна на платата која им се дава на лицата на оваа функција каде било во светот.

Во врска со бонусите Фетаи посочи дека тоа се пари за кои претходно се зборувало и на прес-конференциите јавно, како и дека сето тоа е опфатено со Законот за Специјално јавно обвинителство кој беше донесен со формирањето на СЈО.

За вчерашниот влез на истражителите на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во СЈО, Фетаи појасни дека воопшто не се работи за упад на обвинителите, ниту за претрес, туку за обезбедување на документација која била побарана од Обвинителството.

Истиот став претходно во изјава за медиумите го кажа и обвинителот Љубомир Лапе кој посочи дека детали околу вчерашниот влез на истражителите во СЈО не му се познати, бидејќи бил на рочиште и упати за сите прашања медиумите да с еобратат до Обвинителството кое ја води, како што рече, таканаречената предистрага за земените бонуси.

Има предмети на СЈО во фаза на истрага кои беа преземени од редовното обвинителство седат во кутии и поради тоа некои осомничени лица за измами и злоупотреби место да бидат на обвинителна клупа во судница, тие делат правни совети како треба да се води истрага за надоместоците во СЈО. Таков е случајот за истрагата „Моќник“ и осомничениот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.

– Целта на преземањето на предметите беше да нема застој, а истрагите седат во кутии и затоа некои осомничени лица за измамнички дејствија и за поттикнување злоупотреби место денеска да бидат во судница на обвинителна клупа, тие мавтаат со лажни бројки и делат правни совети како треба да се води истрагата за надоместоците на обвинителите од СЈО. Има истраги кои се готови, спремни за обвиненија. Конкретно зборувам за „Моќник“ и осомниченото лице Антонио Милошоски, кој место да си спрема одбрана за во судница, доколку се разбира ни беа поделени предметите, тој излегува по медиуми и дели правни совети – рече Фетаи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот