Фестивалот „Земјотрес“ во МКЦ е ултимативен настан со неверојатно квалитетна и разновидна понуда

„Земјотрес“ е есенцијална платформа на сите слободоумни и креативни луѓе во градот

Три музички подиуми, околу 25 бендови и артисти и едно огромно срце кое чука за МКЦ и за Скопје се воспоставените бројки со кои редовно истрчува „Земјотрес“, фестивал на независната младинска музичка култура, што ќе се одржи на 4 февруари во МКЦ.

Првиот голем музички настан на почетокот на годината со веќе десетгодишна традиција зад себе е фестивалот на независната младинска музичка сцена „Земјотрес“. Во изминативе 10 години низ фестивалот минаа речиси сите релевантни домашни автори, кои ја создаваат музиката на ова време. Најновата „верзија 11.0.0“ на „Земјотрес“ ќе се активира на 4 февруари, од 19 до 4 часот по полноќ, во Младинскиот културен центар во Скопје. На настанот ќе учествуваат околу 25 бендови и артисти на три различни сцени, а нивното присуство не е случајно.

– Предност секогаш имаат артистите кои имаат издание, или некако ја одбележале годината која му претходи на фестивалот. Оваа година направивме мал исчекор во правец на радикална посветеност на некоја нова, фантастична младина, која полека но сигурно ја освојува локалната географија и почнува да пишува нова музичка историја. Сметам дека нашето искуство, присутност и динамика не ставаат во цврста позиција да курираме еден ваков фестивал, кој уште од првиот ден е свртен кон иднината и регрутирање на новите генерации во борбата за инсталирање култура во оваа наша заостаната средина – посочува Мирко Попов, продуцент и организатор на настанот.

Во првите десет години фестивалот забележа постојан раст и подем. И годинава има фокус кон најмладата, неверојатно талентирана генерација локални музичари, која како застрашувачка сила се движи под земјата, ја тресе и има намера да експлодира со сета своја убавина, свежина и потенцијал.

– Кога имате јасна идеја, чисти правци на движење и соработник како МКЦ – Скопје и не е толку тешко да се стигне до реализација. Фестивалот многу брзо ги исполни првобитните планови и очекувања, а од година во година трпеливо го подигавме нивото и сметам дека успеавме да искачиме неколку врвови. Не сакам да звучам нескромно, но сметам дека „Земјотрес“ е еден од најубавите и најсаканите музички настани во годината во Скопје. Место каде во прегратка се сретнуваат музичари од различни генерации и профили, а низ коридорите на МКЦ се слева најубавата и најпаметна македонска младина. Есенцијална платформа која произведува заедништво на алтернативната сцена, но и на сите слободоумни и креативни луѓе во градот. Многу сериозен социолошки генератор во модерно Скопје. И ова не е само мое мислење. Љубовта и припадноста кон „Земјотрес“ се чувствуваат како полн здив и чист воздух, среде скопската загаденост од секаков тип – истакнува Попов.

Со порака за љубов кон музиката, одговорност кон културата и грижа за младите генерации „Земјотрес“ стана важна животна станица и за бендовите и за артистите и за публиката.

– Во изминативе десет години низ „Земјотрес“ продефилираа најрелевантните имиња на македонската современа музика, рамо до рамо со некои не толку познати и еден куп апсолутни почетници. Рамноправно, по 20-25 минути за секого, пред преполна сала и ококорени очи, гладни за нова македонска жива култура. „Земјотрес“ за млад бенд е остварување на сите соништа. Истото важи и за публиката. За огромен број млади луѓе, „Земјотрес“ е првиот концерт во животот, првата масовка, првото откачување, првото пиво, второто пиво, третото…

Ултимативен настан со неверојатно квалитетна и разновидна понуда на светско ниво, а во нашиот град. Скопје. Градот што се надева дека ќе задржи што е можно поголем дел од таа паметна младина. Градот кој никако не може да сфати дека само КУЛТУРАТА може да задржи паметна младина и да направи било каков пресврт на подобро. „Земјотрес“ се труди да биде генератор на позитивна промена. Другарски подадена рака. Првиот чекор нагоре. Ќе видиме. Не се даваме. Не го даваме градот, а не го даваме ни МКЦ! – потенцира Попов.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 165, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот