Фестивалот „Синедејс“ ќе биде отворен со проекција и концерт на „Ефтеркланг: Македониум бенд“

Сцена од снимањето на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд“

Младинскиот културен центар во Скопје го најави 23-тото издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“, кое ќе се одржи од 11 до 17 јули. Свеченото отворањето на фестивалот на 11 јули ќе го одбележи проекцијата на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд“, во режија на Андреас Јонсен и во продукција на МКЦ, „Rosforth“ и „Rumraket“, а по филмот ќе има концерт на „Ефтеркланг: Македониум бенд“.

Музичкиот документарен филм, кој се снимаше во текот на април 2023 година, претставува музичко патешествие на групата „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари, со цел составување на голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот „Македониум“ во Крушево во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност.

Премиерата на филмот се одржа на 23 март 2024 во рамките на „CPH:DOX“ и беше проследена со уникатен концерт на ансамблот „Ефтеркланг: Македониум бенд“ во кој членуваат 22 македонски музичари.

Филмот ја заокружува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ Македонија. Младински културен центар се јавува во улогата на продуцент преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект.

Покрај бендот „Ефтеркланг“, во ансамблот членува и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки, потоа музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.

Реализацијата на филмот е поддржана од страна на Министерството за култура на РС Македонија со 250.000 денари, потоа Данскиот уметнички совет и програмата „Culture Moves Europe“ на Европската Унија.

Билетите за отворањето на фестивалот на 11 јули се целосно распродадени, известија од МКЦ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот