Фестивалот „Нихон-џи“ ќе ја претстави културата на новото време во „Мала станица“

Фестивалот „Нихон-џи“ е прв и единствен од овој тип во Македонија, кој на едно место собира љубители на јапонската традиционална и поп култура, вклучувајќи ликовна уметност, филм, музика, наука, технологија, мода, видео игри, гастрономија, боречки вештини, манга, косплеј, хаику и традиционални изработки.
Второто издание на фестивалот ќе се одржи на 27 мај (сабота), во објектот „Мала станица“ при Националната галерија, со почеток во 11 часот, а свеченото отворање ќе го одбележи јапонскиот амбасадор со говор и со свој музички настап.
За првпат, минатата година, домашната публика од сите генерации беше раздвижена од дебитното издание на еден поинаков фестивал, налик на светските субкултурни конференции.
Фестивалот за јапонска култура, наречен „Нихон-џи“, привлече голем број посетители од сите сегменти на заедницата, и на огромно задоволство на организаторите, поттикна уште едно, подобрено и пообемно издание кое оваа година ќе се одржи на 27 мај.
За „Нихон-џи 2.0 – Неонски бранови“, неформалната организација на јапан@мк подготви уште побогата програма, овојпат, фокусирајќи се на мноштвото контрадикции кои ги содржи јапонската култура, а кои, сепак, симбиотично и беспрекорно функционираат заедно креирајќи одличен рецепт за успех.
Публиката ќе има можност да проследи презентации и работилници поврзани со традиционална и поп-култура и панели на сериозни општествени и филозофски теми, како и технологија.
Присутните ќе уживаат во забавни дебати предводени од членови на дебатниот клуб МОФ и квизови организирани од волонтерите на фестивалот за аниме љубителите. Особено атрактивен е и гејминг делот, во чии рамки ќе се одржат два турнира, катче за друштвени игри и бројни други изненадувања.
Програмата на „Нихон-џи 2.0“ ќе биде дополнително збогатена со читање на хаику поезија на македонски хаику поети и музички настапи во живо на Елена Христова, музичкиот состав „Maribosi“ и диџеј сет на Andrea Hz.
Публиката ќе ужива во презентација на модни креации на познати современи македонски дизајнери и студенти на Факултетот за мода и дизајн инспирирани од јапонска мода и традиционална облека.
Две простории во „Мала станица“ ќе бидат облагородени и со две уметнички изложби, од кои во едната ќе бидат претставени дела од реномирани македонски уметници, а другата ќе прикаже дела на младите креативци кои се пријавија на отворен повик.
Посетителите ќе имаат прилика да си понесат и нешто со себе од продажниот дел на фестивалот, каде ќе бидат изложени изработки, книги, манга, облека инспирирана од јапонската култура. Уште едно специфично искуство на фестивалот е приликата да се дегустираат различна јапонска храна и пијалоци.
– Минатогодишното еднодневно фестивалско издание на „Нихон-џи“ се одржа во „Јавна соба“, привлече околу 2.000 посетители од сите возрасти и вклучи речиси 150 учесници кои ја воодушевија публиката со бројни работилници, изложби, панел дискусии, поезија, презентации, проекции, концертни изведби, гејминг турнири и богата продажна секција на производи инспирирани од јапонската култура – посочуваат организаторите на фестивалот.