Фестивалот на детски театар е гаранција дека името на Игор Маџиров ќе остане вечно

Првото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, во организација на НУ Театар за деца и младинци – Скопје ќе се одржи од 30 септември до 4 октомври. Долгогодишната желба и идеја на целиот колектив од театарот, конечно, се реализира, истакна директорката Катарина Илиевска – Силјановска на прес-конференција, што се одржа на 28 септември во театарот.

– Во далечната 1996 година, бевме домаќини на една регионална иницијатива наречена „Балкански куклен фестивал“, но сега за првпат сме домаќини на еден поголем и позначаен фестивал за нас, што го носи името на актерот кој беше, на свој начин, заштитен белег за овој театар и генерално за детската театарска и филмска публика – рече Катарина Илиевска – Силјановска, директорка на Театарот за деца и младинци.

Фестивалот е со натпреварувачка програма и на првото издание ќе настапат девет претстави, и тоа: „Том Соер“ на свеченото отворање во изведба на домаќините (ТДМ); „Авантурите на Баронот Минхаузен“ на театарот „Жар птица“ од Загреб, Хрватска; „Тивкото момче“ на детскиот театар од Крагуевац, Србија; „Мачката папучарка“ од Градскиот театар на Подгорица, Црна Гора; „Вечерва не сум сама“ во продукција на Албанскиот театар за деца и младинци од Скопје; „Авантурите на малиот Јују“ на Градскиот куклен театар од Риека, Хрватска; „Јованче и Марика“ на театарот „Битолино“ од Битола; „До границата“ на театарската компанија „Петра“ од Италија; и претставата „Жирафа“ на театарот „Хоп Сињор“ од Атина, Грција.

Во рамките на фестивалот, покрај селектираните претстави ќе има и тридневна работилница за кукларство, предводена од режисерот Јакуб Максимов од Чешка, а ќе се одржи и панел-дискусија на која ќе има презентација на меѓународната соработка на детските театарски продукции преку искуствата на Српскиот национален центар на Меѓународната асоцијација на детски театри – АСИТЕЖ.

Изабела Новотни, Катарина Илиевска – Силјановска и Драган Довлев

Селектор на фестивалот е актерот Владимир Лазовски, кој според Претседателот на Советот, Драган Довлев, направил одлична селекција на претстави.

– Среќен сум што ми се исполнија две желби, а тие се што имаме фестивал и што го носи името на нашиот колега Игор Маџиров. Мислам дека Игор Маџиров беше многу важен човек и сѐ уште е важен во нашите животи и сега. Тој беше срцето и душата на овој театар. Беше човек за којшто не се штедат добри зборови и сѐ уште зборуваме сѐ најдобро за него. Беше човек којшто можеше да најде заедничка тема за разговор и со старец и со дете. И сите подеднакво го сакаа. Во рамките на свеченото отворање, планираме постхумно да му доделиме признание во форма на плакета на членовите на неговото семејство за придонесот, трудот и трагата која ја остави за нашиот театар и општо културата во нашата земја. Овој фестивал е гаранција дека неговото име ќе остане вечно – потенцираше Довлев.

Пораката што оваа година ја упатува фестивалот е „Види нови светови, остани дете“, предлог на истакнатиот поет Никола Маџиров, што беше со голема радост прифатен од фестивалската организација.

– Првиот чекор е направен со иницијативата да се почне со овој фестивал што го носи името на Игор Маџиров. Упатувам порака до сите деца и родители – дојдете во детскиот театар, гледајте претстави и откријте нови светови. За миг побегнете од компјутерската реалност и мобилните телефони, бидејќи за правилното растење и образување на децата овој театар ги дава сите можности – истакна актерката Изабела Новотни, која е член на Советот на фестивалот.

Визуелниот идентитет на првото издание на фестивалот е на авторката Јана Андева, а како извршен продуцент се јавува Миодраг Костиќ. Фестивалот е со натпреварувачки карактер и ќе се доделуваат награди за: Гран-при за најдобра претстава во целина, Награда за најдобра режија, Награда за костимографија, сценографија, музика, Награда за најдобар актер и актерка.

За наградите ќе одлучува тричлено жири во состав: Диана Крзаниќ Тепавац, актерка и претседател на АСИТЕЖ – Србија, актерот Благој Чоревски и режисерката Драгана Милошевски Попов.

Одржувањето на првото издание на фестивалот е поддржано од Министерството за култура на РСМ.

Билетите се по цена од 200 денари и може да се набават на билетарницата на Театарот за деца и младинци или онлајн на www.puppet.com.mk.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот