Фестивал за современи уметности „Акто“ 2020: Човек на човека мора да му е семејство

Со изработката на муралот „Еднакви, заедно посилни“ на фасадата на салата „Партизан“ во Кавадарци заврши серијата мурали со која беше отворена програмата на јубилејното 15-то издание на Фестивалот за современи уметности „Акто“.

Во изминативе месеци во продукција на организацијата „Факултет за работи што не се учат“ и во рамките на програмските активности на Фестивалот за современи уметности „Акто“ беше реализирана серија мурали во седум македонски градови, и тоа во Битола, Прилеп, Велес, Кочани, Гевгелија и Скопје.

Серијата заврши со изработката на муралот „Еднакви, заедно посилни“ на фасадата на салата „Партизан“ во Кавадарци. Авторка на муралот е ликовната уметница и професорка Јана Јакимовска, а во изведбата учествуваа и уметниците Симона Манчева и Ненад Тонкин. Изработката на муралот е во продукција на „Факултет за работи што не се учат“ во партнерство со Општина Кавадарци и КСП „Подиум – Јадро“ од Кавадарци.

– Муралот „Еднакви, заедно посилни“, преку варијација на приказната за џиновската репка, зборува за солидарноста, но и за еднаквоста. Џиновската репка не може од земја да ја извлече еден човек, туку здружените сили на сите помагачи. А онаму каде имаме солидарен труд, нужно е да зборуваме за сите чинители и нивната еднаква заслуга. Ако семејството почива на принципите на солидарност, тогаш тоа мора да се преслика и пошироко во општеството, и особено мора да се подаде рака кон сите индивидуи и групи што се на маргините. Човек на човека мора да му е семејство, без оглед на меѓусебните разлики. Оттаму, силуетите се изведени со црна боја, како би се занемариле сите индивидуални специфики. Сета различност е пресликана во шаренилото на небесниот свод. Наративниот дел на муралот се протега во должина на 24 метри во вкупна површина од околу 80 метри квадратни – посочија од „Акто“.

Покрај муралите, програмата на 15-то издание на „Акто“ вклучува и „Акто – онлајн ретроспектива“, „Акто агора“, „Акто публикација/архива“, „Акто за солидарноста“, како и други содржини што дополнително ќе бидат објавени.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 49, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 19-20 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот